АНКАРА (АА) – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денес пред самитот на лидерите во Лондон, по повод одбележувањето од 70-годишнината на Алијансата, изјави дека НАТО е активен, агилен и дека се адаптира на новите околности, јавува Агенција Анадолија (АА).
„НАТО е најуспешната алијанса во историјата затоа што бевме во можност да се промениме повторно и повторно, кога светот се менува“, изјави Столтенберг.
Во врска со спротивставувањето на Турција поради зголеменото распоредување на НАТО во Балтикот, Столтенберг изјави: „Убеден сум дека ќе можеме да најдеме и решение за прашањето поврзано со подобрувањето на ревидираните планови за одбрана.“
„Имаме планови да ги заштитиме сите НАТО-сојузници, вклучувајќи ги секако балтичките земји и Полска. И повеќе од тоа, ние немаме само планови, туку и сили. За прв пат во нашата историја, ние имаме воени трупи распоредени во регионот на Балтикот“, додаде тој.
Столтенберг, исто така, изјави дека разговарал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и дека работи на решавање на прашањата.
Не сакајќи да ги поддржи плановите на одбраната на НАТО за Полска и регионот на Балтикот пред самитот, Турција се соочи со неуспехот на Алијансата да ја признае заканата со која се соочува Турција од подрачјето на северна Сирија – терористичката организација ЈПГ/ПКК, долж нејзината јужна граница.
„НАТО мора да дејствува на начин што ќе ја намали загриженоста на сите сојузници. Она што е потребно за Балтикот би било потребно за нас исто така“, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, минатата недела.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите на ЈПГ/ПКК во северна Сирија, источно од реката Еуфрат, со цел обезбедување на турската граница и формирање безбедносна зона за доброволно враќање на сириските бегалци во тоа подрачје.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.








