МОСКВА (AA) – Говорејќи додека лидерите на земјите членки на НАТО се собраа во пресрет на самитот во Лондон, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва е спремна да соработува со сојузот на бројни полиња, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Русија ширењето на НАТО на истокот го смета за закана по нејзиниот национален суверенитет, но очекува дека ќе преовладува интерес на заедничката европска безбедност и дека сојузот ќе се врати на дијалогот”, рече Путин, обраќајќи се на состанокот со високопозиционираните функционери на Министерството за одбрана во Сочи, руското одмаралиште на Црно Море.
Додаде дека стереотипите не се од помош за донесување ефикасни одлуки во модерниот свет во кој рапидно се менуваат условите.
„Во исто време, во повеќе наврати изразивме спремност за соработка со НАТО и заедничкото спротивставување на реалните закани, вклучувајќи го меѓународниот тероризам, локалните вооружени судири и опасност од неконтролирано ширење на оружјето за масовно уништување”, нагласи Путин и додаде:
„НАТО е основан во текот на раната фаза од Студената војна поради сузбивање на заканата од Советскиот Сојуз, но сега го нема Советскиот Сојуз или Вашравскиот пакт, но НАТО сѐ уште постои и се развива.”
НАТО и Русија не се согласуваат околу многу прашања, меѓу кои се сепаратистите долж границата на Украина со Русија, илегалната анексија на полуостровот Крим и руското мешање во изборите на западот.









