Физибилити студија, Мастер план, економски анализи за развој на Попова Шапка. Како оваа така и претходната влада го развиваат центарот, но само на хартија предвидените инвестиции од студиите никако да се реализираат во пракса. Досега за вакви анализи се потрошени над пола милион евра.
Последната физибилити студија далеку од очите на јавноста беше презентирана минатиот месец. На новинарите и невладините не им беше дозволено да присуствуваат на настанот.
Утредента Министерот за економија Крешник Бектеши, рече дека студијата предвидува седум опции за развој на Попова Шапка.
– Ќе се земе во предвид изборот центарот да се развива на основа на јавно – приватно партнерство, затоа што државата веќе вложува во изградба на жичници, а со хотелите сопственост на АД ЕСМ би управувал приватен концесионер, поради тоа што досегашната пракса покажала дека секоја година се во загуба. Студијата предвидува и изградба на Гондола Тетово – Попова Шапка во вредност од 30 милиони евра, истакна Министерот Бектеши.
Од Иницијативата да ја спасиме Попова Шапка, велат дека последната студија преставува предизворно алиби на властите. За нив симптоматично е што најпрвин студијата беше затворена за јавноста, а како второ не нуди конкретно решение туку седум опции, за да може државата да калкулира и пак да го одложи процесот на избор, а судбината на Попова Шапка како досега да биде неизвесна, а со тоа и инвестиции во застој.
-Ова е алиби дека не се нуди конкретно решение. Земено е во предвид само една четвртина од центарот. Тоа не ги отсликува капацитетите на Попова Шапка кои се големи. Основата на оваа студија е претхoдниот мастер план кој го изработи фирмата Еко сајн пред неколку години. Тој понудува и укажува на неколку управувачки модалитети ,а овде е дополнето со хибридна варијанта а тоа би било концесија со приватно – јавно партнерство. Сега ќе прашам кој е тој концесионер кој кога ќе добие концесија ќе го дели управувањето со било кое јавно претпријате, ова е хибридна варијанта која не е спроведена никаде во светот. Дополнително покрај алиби може да се каже дека ова е некое предизборие дека ќе се прави нешто со центарот, а дополнително на тоа е изјавата на министерот Бектеши дека ќе гради гондола. Замислете ќе се инвестира 30 милиони евра во гондола, а на центарот нема никакви инфраструктурни услови.Гондолата не се гради во почетна фаза тука првин инфраструктура горе се средува. Луѓето ќе одат на Попова Шапка со гондолата која ќе има капацитет за 10 000 луѓе , а горе нема тоалет, рече Валентин Тасевски од Иницијативата да ја спасиме Попова Шапка.
На центарот не се решени основните инфраструктурни проблеми ,а властите само се фалат со влог од милионски суми.
Невладините организации како најголем проблем на центарот го наведуваат немањето на паркинг, кој според нив можеше да се ублажи ако се оствареше ветувањето на министерот Бектеши, дека со реконструкцијата на патот Тетово – Попова Шапка последниот километар од коловозот ќе се прошири и ќе се искористи за паркирање на возила во екот на зимската сезона кога има најголеми гужви.
Додаваат дека скијачка инфраструктура на центарот поставена претежно во седумдесетите и осумдесетите години од минатиот век, не се заменува со нова, ниту пак постојната се одржува како што треба.
Инаку на центарот моментално има четири ски лифотви и два двоседи, кои уште во време на поранешна Југославија, центарот ги купил половни. Тие постојано имаат дефекти создавајќи долги колони големи гужви и нервози кај скијачите, што можеби е причина број еден што во последниве години како дестинација за зимски одмор го одбираат Банско или Копаник.
Од Иницијативата да ја спасиме Попова Шапка негодуваат и на неажурноста на властите околу средувањето на состојбата со викенд населбата која е во очајна состојба. Според нив центарот има и нерасчистени имотни – правни работи
-Тука има големи проблеми. На пример не се решени имотни правните работи со ски лифтовите кои немаат документи, потоа дел од ски патеките се на приватен имот. Лоша е состојбата на патиштата во самиот центар, во викенд населбата не е решено прашањето со канализационата и атмосферската мрежа, кучиња скитници има на секој чекор До каде е проектот за инфраструктурата во викенд населбата Попова Шапка? Овде гледаме како сите работи стојат и ништо не се движи во позитивна насока.Локалната власт да ургира за побрзо решавање на овој проблем, затоа што во ваква состојба никој не би сакал да го земе центарот под концесија со нерасчитени имотно – правни работи и лоша основна инфраструктура.Исто така бараме што поскоро да се изработи урбанистички план за центарот и истиот да се развива според планот, а не како досега на диво, рече Хамди Сулејмани од Иницијтивата да ја спасиме Попова Шапка.
Поради лошата состојба, на центарот постојано се намалуваат бројот на туристи.
Лошата инрфаструктура на центарот е причина број еден што тука ретко кој се одлучува да инвестуира. Последнава деценија има изградено по некој хотел и ресторан. Еден од нив е и Џабир Реџепи. Тој пред една деценија го отворил хотел – ресторанот Каза Леоне. Објектот е лоциран во викенд населбата и има 8 соби, четири апартмани и еден ресторан. Сакал да го прошири бизнисот, ама поради лошата инфраструктура и бирократија бил спречен во неговата намера.
-Инфраструктурата е катастрофа. Ми се јавуваат некои туристи дека ќе дојдат кај мене и кога ќе се качат на Попова Шапка, ќе видат дека поради лошиот пат не можат да стасаат до мојот ресторан и се откажуваат и се симнуваат долу. Патот е навистина е катастрофа, има кучиња скитници нема како што треба улично осветлување и општината која е надлежна за овие работи не презема ништо, вели сопственикот на Каза Леоне Џабир Реџепи.
Од Иницијативата да ја спасме Попова Шапка велат дека ваквите инфраструктурни проблеми си го земаат данокот, а тоа е намалување на бројот на туристи на центарот од година вгодина.
-Некои статистики велат дека на годишно ниво Тетово го посетуваат околу 60 000 туристи и да речеме повеќе од половина од тие туристи ја посетуваат Попова Шапка на зима и на лето. А на пример во осумдесетите години само Попова Шапка ја посетуваа над 100 000 гости. Овие бројки доволно кажуваат дека наместо сега порано сме имале повеќе гости што е доста жално, велат од Иницијативата.
Попова Шапка е рудник со злато и со неа треба да стопанисува државата.
Познавачите на приликите се поделени во ставовите околу можните начини за управување со центарот. Ако гореспоменатите соговорници сметаат дека иднината на Попова Шапка е само издавање под концесија, други тврдат дека државата е најдобар менаџер, ако искрено сака да го развие туризмот во Македонија.
Христијан Трајчевски од Ски Македонија, вели дека доволно е да го погледнеме односно анализираме јавното претпријатие, односно компанијата Скијалиште Србија, која е трета водечка компанија во оваа земја.
-Попова Шапка работи со загуби, но таму ништо не се инвестира, а тоа скијачите односно туристите го препознаваат, само со инвестици може да се вратат гостите. Видете што се случува на Копаоник, а ако ги погледнеме потенцијалите на Шар Планина а тоа се големи потенцијали тогаш можеме да заклучиме дека не трета компанија како што е во Србија, туку претпријатието кое ќе управува во случајот со државните ски центри може да биде прва компанија со најголем економски приход во земјава, само останува државата ова да го препознае, вели Христијан Трајчевски од Ски Македонија
И од Скијачкиот клуб Љуботен еден од најстарите во државата го делат истото мислење. Оттаму велат дека според повеќе светски студии ако се вложи во Попова Шапка односно на Шар Планина таа може да прими 500 000 скијачи на ден , а тоа се милијарди евра промет сума која го надминува Бруто домашниот производ.
-И во западно – европските земји, со многу ски центри стопанисува државата.Тој инвеститор што ќе дојде тука, ќе се соочува со безброј пречки од областа на урбанизам, животна средина, и сите тие ингеренции се на државата, а ваквите препреки таа брзо би ги совладувала. Значи треба инфраструктурата скијачка, ски терени, неколку хотели, паркинг и слично да им се даде да стопанисуваат државни прептријатија, а се разбира кој сака може да инвестира во угостителски објекти и слично во самиот центар. Но, тоа е што е основата да го има државата, , рече претседателот на скијачкиот клуб Љуботен Жарко Трпковски.
Моменталниот капацитет на Попова Шапка изнесува 3000 скијачи на час, што е премала бројка, ако се земе предвид природниот скијачки потенцијал.
Во последниве две децении единствено се инвестираше во шестоседот со капацитет од 2500 скијачи, кој требаше да се пушти во употреба пред две години, но поради техничките пропусти во изградбата односно градење на тлото од главните извори од кои Тетово се снабдува со вода постапката се оддолжи. Неизвесно е и дали годинава ќе се пушти во употреба, затоа што за оваа жичница се уште нема обучено кадри за да управуваат со неа.
Овој шестосед беше дел од Мастер планот за развој на центарот изработен во 2012 година. Според најавите на претходната влада, тој требаше да се реализира во три фази. Во првата се најавуваше инвестиции во нови жичници, паркиралишта, хотели, нова патна инфраструктура, и инсталација на вештачки снег во вредност од 30 милиони евра. Толку пари се ветуваше и за втората фаза од мастер планот.
Но од ветеното , освен шестоседот кој се уште не е готов, на терен нема ништо.
Сегашната власт само ја продолжува приказната за развој на центарот само на хартија.
NovaTV.













