ДРАЧ (АА) – Турската Црвена полумесечина почна со поставување шатори за граѓаните на Албанија кои останаа без покрив над глава како резултат на земјотресот со јачина од 6,3 степени, што се случи на 26 ноември во Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Црвената полумесечина во ова подрачје испрати 120 шатори, 2.750 ќебиња и 100 хигиенски сетови.

Оваа помош пристигна во Албанија и е поделена на лицата што имаат потреба од неа.

Претставниците на Црвената полумесечина, како и албанските војници, поставија шатори на одредени места во селото Бубќ при Драч и во подрачјето на Вора при Тирана за лицата чии куќи се оштетени во земјотресот.

Еден од шаторите беше поставен и во дворот на куќата на Сами Бајрампирејни, албански граѓанин, кој во изјава за медиумите упати благодарност до сите кои доставиле помош за неговото семејство, нагласувајќи дека тие што помагаат се многу вредни.

„Беше многу тешка состојба. Останав сам. Вие сте многу вредни за моето семејство“, додаде тој.

Од друга страна, Анил Коџабал, претставник на турската Црвена полумесечина, нагласи дека по земјотресот, во Албанија дошле со помош од два шлепера.

„Ние стоиме до народот на Албанија. Ќе продолжиме и понатаму со нашите активности за помош“, рече Коџабал.