ЕДРЕНЕ (АА) – Во турската област Ипсала се одржа церемонија за отворањето на Транс-анадолискиот гасовод (ТАНАП) со што почнува испораката на плин од Азербејџан на Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).

На церемонијата меѓу присутните беа вицепремиерот задолжен за економски прашања во Владата на Северна Македонија Кочо Анѓушев, претседателот на Азербејџан Илхан Алиев, членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Шефиќ Џаферовиќ, претседателката на Собранието на Србија, Маја Гојковиќ.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, имаше свое обраќање на оваа церемонија, во кое рече дека со успех е крунисан 7,5-годишниот процес со заедничките напори на Турција, Азербејџан и Грузија.

„Пред сѐ, ТАНАП од рутата преку Азербејџан, Грузија и Турција се поврзува со Европа преку ТАП (Транс-антлантски гасовод), а тоа ќе го користат земјите кои се наоѓаат на рутата – Бугарија, Грција, Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина. Правејќи ги сиве овие чекори, сакам особено да нагласам дека овој проект е регионален проект и проект на мирот“, рече Ердоган.

„Овој проект, пред сѐ е симбол на вкоренетото пријателство меѓу нашите земји. Проектот до оваа фаза е доведен благодарение на односите меѓу Турција и Азербејџан кои се темелат врз основа на заемна доверба“, нагласи тој, додавајќи дека придонес во доведувањето до крај на овој проект дале Турција, Азербејџан и Грузија.

Турскиот претседател, говорејќи во врска со процесот на овој проект, потсети дека првиот чекор со ТАНАП е направен во 2012 година преку потпишување на меѓувладините договори.

„Во период од јуни 2012 година, вложивме големи напори во реализација на проектот ТАНАП. И покрај сите предизвици кои доаѓаа одвнатре и од надвор, регионалните тензии, па до сите нестабилности како што се директните судири, со проектот ТАНАП напредувавме според предвидениот план”, рече Ердоган и истакна:

„Денеска го комплетиравме делот во нашата земја на овој прекрасен проект кој се смета за ’Патот на свилата во енергетиката‘, во согласност со датумот, нашите цели и посветености. Со овој проект ја потврдивме нашата волја за споделување на богатствата кои ги поседуваме, со нашите граѓани, како и со граѓаните на целиот регион и со целото човештво.“

Според него, ТАНАП е најважниот дел на енергетскиот коридор долг 3.500 километри кој се протега од Азербејџан до Европа.

„Од вкупно 16 милијарди, 6 милијарди метри кубни гас ќе биде искористен од наша страна, додека останатите 10 милијарди метри кубни ќе бидат искористени од страна на европските земји. Во наредните години капацитетот за транспорт на ТАНАП сакаме да го зголемиме првин на 24 милијарди, а потоа на 31 милијарда метри кубни. Отсега понатаму, одговорноста е кај нашите пригранични соседи. ТАП во најкраток можен рок треба да се комплетира, со цел да почне испораката на гас кон Европа. Очекуваме ТАП да заврши во текот на 2020 година“, нагласи турскиот претседател Ердоган.

– ТАНАП

Кракот ТАНАП е долг 1.850 километри, а од источниот турски град Ардахан поминува низ 20 провинции, 67 дистрикти и 600 села во Турција.

ТАНАП е најголемиот гасовод во јужниот коридор со должина од 1.850 километри и 16 милијаради кубни метри капацитет на природен гас.

Со овој гасовод се донесува природен гас од азербејџанското плиско поле Шан Дениз 2 во Турција, односно во градот Ескишехир, каде се изработени компресорските станици, од каде гасоводот понатаму оди до Ипсала на турско-грчката граница, каде ТАНАП се поврзува со Трансјадранскиот гасовод (ТАП), кој азербејџанскиот гас го испорачува на европскиот пазар.

Од вкупниот годишен капацитет на ТАНАП кој изнесува 16 милијарди кубни метри гас, Турција ќе користи шест милијарди кубни метри, додека преостанатите десет милијарди кубици ќе бидат испорачувани на европски пазар.

Протокот на гас на Турција преку ТАНАП, чии инвестиции изнесуваа околу седум милијади долари, почна на 30 јуни 2018 година.