ТИРАНА/ДРАЧ (AA) – Претседателот на Албанија, Илир Мета, заедно со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, вицепремиерот задолжен за европски прашања на Северна Македонија, Бујар Османи и лидерот на партијата Демократска унија за интеграции (ДУИ), Али Ахмети, внимателно следеа акција за пребарување и спасување во едно од местата погодени од земјотресот во Драч, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението од Претседателството на Албанија, Мета се сретна и со специјализирани сили за итни случаи од Северна Македонија, притоа потенцирајќи дека „никогаш нема да ја заборават помошта на Северна Македонија“.

За време на состанокот со Тимот на специјализираните сили за итни случаи од Северна Македонија, претседателот Мета рече: „Јас сум тука да ви се заблагодарам на сите за напорната работа во изминатите два дена”.

Мета додаде дека внимателно ја следат состојбата.

„Би сакал да ја изразам мојата срдечна благодарност до претседателот Пендаровски, премиерот Заев и сите политички претставници на Северна Македонија, кои беа со нас од почеток и продолжуваат да бидат со нас во справувањето со оваа голема несреќа”, рече Мета.

„Јас сум тука со претседателот на Собранието, со вицепремиерот, со пратениците, да ве охрабрам во вашата благородна мисија”, изјави Ахмети, додајќи дека „ова се непредвидливи случувања и мора да бидеме подготвени“.

Потсетуваме, земјотрес со јачина од 6,3 степени ја погоди Албанија на 26 ноември. Според досегашните официјални податоци на Министерство за одбрана на Албанија загинати се 46 лица.

Земјотресот, исто така, предизвика значителна материјална штета, а земјата беше погодена од неколку други земјотреси во последниве денови.