Спасувачките служби трагаат по преживеаните под урнатините по катастрофалниот земјотрес што ја погоди вчера Албанија. Синоќа околу 19 часот се регистрирани уште два земјотреси. Првиот, на 4,7 по Рихтер, и по неколку минути – друг со сличен интензитет. Мештаните кои останаа без покрив над главата ја поминуваа ноќта во шатори.
Денес е ден на жалост во Албанија, а знамињата на сите институции се спуштија на половина од нивните копја, заради жртвите на земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтер што ја погоди земјата вчера.
Според последните информации, најмалку 24 лица загинале, а повеќе од 600 се повредени.
Повеќе од 40 лица се извлечени од урнатините, а се бараат уште 10 до 15 лица.
Сите спортски сали во главниот град на Албанија се отворени за располагање на граѓаните.
Помошта дојде од земји во Европа и во светот, како и тим од 41 лице, од кои 35 припадници на Републичките сили за заштита и спасување специјализирани за спасување од урнатини, двајца водичи со кучиња од МВР за пребарување на теренот и четири лица од Црвениот Крст на РСМ
Епицентарот бил на длабочина од 12 километри во близина на Драч.
Последиците од земјотресот се најтешки во Томан, 30 километри северно од Тирана, како и во Драч.
Земјотресот беше почувствуван и во Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Грција, Хрватска и БиХ, каде синоќа исто така беа погодени од силен земјотрес.
Албанија вчера ја погодија низа последователни земјотреси во текот на денот.
Во септември годинава, земјотрес со јачина од 5,8 степени погоди во непосредна близина на Драч и најмалку 70 лица беа повредени, а оштетени 500 домови.
RTS.











