ТИРАНА (АА) – Бројот на загинати од земјотресот што ја погоди денеска Албанија, според надлежните во земјата, достигна 18, додека повеќе од 600 лица се повредени, а 41 се спасени од урнатините, јавува Агенција Анадолија (AA).

Албанија беше погодена од два силни земјотреси, со епицентар во Драч во 3:55 часот со јачина од 6,3 степени на длабочина од 10 километри и подоцна со јачина од 5 степени кај ’Ртот Родон.

Во Тирана и другите градови во Албанија, граѓаните во паника ги напуштија своите домови и престојуваат на отворено, бидејќи се забележани и над 100 други помали потреси, а надлежните изјавија дека ситуацијата останува активна.

Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија потврди дека во болниците во Тирана, Драч, Круја, Курбин и Лежа биле услужени над 600 повредени во земјотресот.

Во меѓувреме, министерката за образование, спорт и млади, Беса Шахини, објави прекин на наставата на целата територија и за утрешниот ден, „за да може семејствата да останат заедно и да се соочат со ситуацијата солидаризирајќи се со оние кои се најпогодени од трагедијата“.

„Решивме да ја прекинеме наставата во сите училишта и градинки на земјата (вклучително и приватните) и за следниот ден (27.11.2019), за да може семејствата да останат заедно и да се соочат со ситуацијата солидаризирајќи се со оние кои беа најпогодени од оваа трагедија“, рече таа.

Земјотресот предизвика бројни проблеми во телекомуникациите и прекини на електричната енергија во повеќе градови низ земјата.

Земјотресот е почувствуван и во Северна Македонија, Косово и Црна Гора.

– Реакции за земјотресот –

Во врска со последиците од земјотресот се огласија претседателот на Албанија, Илир Мета и премиерот на земјата, Еди Рама, кои рекооа дека последиците од земјотресот во Драч се драматични и повикаа не само на вонредна државна, туку и на сенародна организација.

Во меѓувреме, не недостига и помошта, поддршката и солидарноста од соседните земји и пошироко.

Косово испрати свои екипи со спасувачи да помогнат во операциите за пребарување и спасување во Албанија, додека косовската Влада на вонредна седница одвои финансиски грант од 500.000 евра. Северна Македонија испрати и тимови за спасување и издвои финансиска помош од околу 100.000 евра.

Турција одлучи да испрати тим за спасување, три возила, Националниот тим на медицински спасувачи и авион на турските воздухопловни сили за да помогнат во операциите за пребарување и спасување во регионот.

Претходно, премиерот Рама рече дека „пријателите во Албанија брзо се активираат“, повикувајќи се на пораките за сочувство и поддршка од регионалните лидери и пошироко. Тој рече дека од Италија и Грција отпатувале авиони со специјални тимови, амбасадите на Европската Унија (ЕУ) и на САД најавија готовност, како и на Црна Гора и Хрватска, кои изразија подготвеност да помогнат со нивните механизми.

Во меѓувреме, косовскиот претседател Хашим Тачи утрешниот ден го прогласи за Ден на жалост во Косово и со негова одлука сите знамиња во институциите ќе бидат спуштени на половина копје.