СКОПЈЕ (АА) – Владата на Република Северна Македонија на својата денешна седница донесе одлука да се издвојат 6 милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот во Република Албанија, соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Како дополнување на помошта за Албанија, кон оваа земја веќе се упатени и тимови за спасување составени од 30 стручни лица кои ќе учествуваат во акциите за спасување и прва помош за граѓаните во настраданите подрачја”, се вели во соопштението од Владата на Северна Македонија.
Се додава дека во оваа првична помош е вклучен и посебен тим со механизација која ќе се ангажира во координираните акции за спасување.
– Владата на Косово издвои 500 илјади евра за помош на Албанија
Владата на Косово на воредна седница одлучи да издвои 500 илјади евра финансиска помош на Албанија.
Вонредното заседавање на Владата на Косово започна со едноминутен молк за жртвите во земјотресот во Албанија. Вршителот на должноста премиер на Косово, Рамуш Харадинај, го извести кабинетот а веќе преземените мерки за помош на соседна Албанија и за испраќањето на Косовските безбедносни сили и Полицијата на Косово. Потоа е предложено издвојување финансиска помош.
„Министерството за финансии и предлага на Владата на Косово иницијално да додели износ од 500 ијлади евра на Република Албанија за санација на штетата”, рече вршителот на должноста министер за финансии, Бедри Хамза.
– МВР на Србија ќе упати припадници на Специјалиситчки тим за претрага и спасување во Албанија
Полицијата на Србија ќе упати 13 припадници на Специјалистичкиот тим за претрага и спасување од урнатините заради пружање помош по земјотресите кои се случија во близина на Тирана и Драч, се соопштува од Министерството за внатрешни работи на Србија.
Врз основа на договорот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, Специјалистичкиот тим на Секторот за вонредни ситуации ќе интервенира со опрема за отстранување на последиците од земјотресот, поточно за дупчење и кршење на бетонот и подигнување на товарот настанат при уривањето на објектите.
Министерството за одбрана на Албанија соопшти дека бројот на загинати во земјотресот се искачи на 15 лица, а дека досега се спасени 41 лице.
Министерката за одбрана на Албанија, Олта Џачка, на прес-конференција потврди дека „Главниот удар на земјотресот беше регистриран на 3:55 и беше со јачина од 6,3 степени со длабочина од 10 километри и со епицентар во Драч.“
„По првиот удар беше регистриран друг голем удар од 5,5 степени според Рихтер и епицентар во ‘Ртот Родон со повеќе од 100 секундарни потреси и оттогаш состојбата е сè уште активна“, изјави Џачка.
Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија потврди дека во болниците во Тирана, Драч, Круја, Курбин и Лежа биле услужени над 600 повредени во земјотресот.
Во меѓувреме, Министерството за образование, спорт и млади објави „прекин на наставата на целата територија за денеска, 26.11.2019.“
Во Тирана и другите градови во Албанија, граѓаните во паника ги напуштија своите домови и престојуваат на отворено, бидејќи се забележани и други помали потреси.
Земјотресот предизвика бројни проблеми во телекомуникациите и прекини на електричната енергија во повеќе градови низ земјата.
Земјотресот е почувствуван и во Северна Македонија, Косово и Црна Гора.










