ТИРАНА (АА) – Албанија е погодена од силен земјотрес од кој загинаа 15 лица, десетици се повредени и причинета е материјална штета во неколку градови во земјата, јавува Агенција Анадолија (AA).
Министерството за одбрана на Албанија соопшти дека бројот на загинати во земјотресот се искачи на 15 лица, а дека досега се спасени 41 лице.
Министерката за одбрана на Албанија, Олта Џачка, на прес-конференција потврди дека „Главниот удар на земјотресот беше регистриран на 3:55 и беше со јачина од 6,3 степени со длабочина од 10 километри и со епицентар во Драч.“
„По првиот удар беше регистриран друг голем удар од 5,5 степени според Рихтер и епицентар во ‘Ртот Родон со повеќе од 100 секундарни потреси и оттогаш состојбата е сè уште активна“, изјави Џачка.
Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија потврди дека во болниците во Тирана, Драч, Круја, Курбин и Лежа биле услужени над 600 повредени во земјотресот.
Во меѓувреме, Министерството за образование, спорт и млади објави „прекин на наставата на целата територија за денеска, 26.11.2019.“
Во Тирана и другите градови во Албанија, граѓаните во паника ги напуштија своите домови и престојуваат на отворено, бидејќи се забележани и други помали потреси.
Земјотресот предизвика бројни проблеми во телекомуникациите и прекини на електричната енергија во повеќе градови низ земјата.
Земјотресот е почувствуван и во Северна Македонија, Косово и Црна Гора.
– Реакции за земјотресот –
Во врска со последиците од земјотресот се огласија претседателот на Албанија, Илир Мета и премиерот на земјата, Еди Рама.
Претседателот Мета во реакција на социјалните мрежи рече дека последиците од земјотресот во Драч се драматични и дека е потребна вонредна организација, додавајќи дека им се заблагодарува на институциите за нивната работа, но упати и апел до сите претприемачи и граѓани кои можат на некој начин да помогнат, да им помогнат на илјадниците семејства да го надминат овој драматичен момент.
Премиерот Рама на социјалните мрежи напиша дека потрагата по преживеаните ќе продолжи со трпеливост и ќе биде детална до крај, додавајќи дека „по неколку часа специјални тимови од Косово, Италија, Грција, Франција, Турција, Србија, Црна Гора ќе ни се придружат“.
„Но, олеснувањето за секој спасен живот не ја намалува болката за изгубените животи и огромната штета за семејствата кои плачат за настраданите загубените“, пишува Рама.
Потсетуваме дека Тирана и другите градови во Албанија на 21 септември беа погодени од земјотрес со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала, кој од властите беше опишан како најмоќниот земјотрес во последните 20-30 години.









