ТИРАНА (АА) – Албанија, во раните утрински часови, беше погодена од силен земјотрес од кој засега е потврдена смртта на 8 лица, додека десетици се повредени, а предизвикана е и материјална штета во повеќе градови низ земјата, јавува Агенција Анадолија (AA).

Министерството за одбрана на Албанија соопшти дека земјотресот бил со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала, и дека животот го загубиле 8 лица.

Албанскиот институт за геолошки науки, енергетика, вода и животна средина објави дека епицентарот на земјотресот бил на 15 километри од градот Драч, на длабочина од 38 километри.

Според Министерството за здравство, болниците во Тирана, Драч, Круја, Курбин и Лежа примиле над 600 повредени како резултат на земјотресот.

„Медицинските тимови во моментов се во состојба на готовност и во Тирана, Драч и низ цела Албанија“, се додава од Министерството.

Министерството за одбрана исто така информираше и за причинетата материјална штета, додека албанските вооружени сили и персоналот на противпожарната служба се распоредени за да им помогнат на жителите.

Од друга страна, Министерството за образование, спорт и млади објави дека во училиштата во градовите Тирана, Драч и Лежа, нема да се одржи настава.

Во Тирана и во другите градови во Албанија, граѓаните во паника ги напуштија своите домови и престојуваат на отворено, бидејќи се забележани и помали потреси.

Земјотресот предизвика бројни проблеми во телекомуникациите и прекини на електричната енергија во повеќе градови низ земјата.

Земјотресот е почувствуван и во Северна Македонија, Косово и Црна Гора.

Потсетуваме дека Тирана и другите градови во Албанија на 21 септември беа погодени од земјотрес со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала, кој од властите беше окарактеризиран како најсилниот земјотрес во последните 20-30 години.