ЏЕДА/АНКАРА (АА) – Министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу упати поздрав до Палестинците, нагласувајќи дека го слушаат нивниот глас и дека милиони муслимани стојат до нив, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу имаше свое обраќање на церемонијата организирана по повод 50. годишнина од формирањето на Организацијата за исламска соработка (ОИС) организирана во саудискиот град Џеда.
Турскиот министер рече дека во 1969 година бил извршен обид за подметнување пожар во првата кибла на муслиманите, Месџид ал Акса, и дека овој предавнички обид е повик за будење на уметот.
Потсетувајќи дека во 2016 и 2019 година Турција била претседавач со Самитот на ОИС, Чавушоглу рече дека во овој период заедничката кауза на уметот се соочила со големи закани.
Според него, заштита на правата и достоинството на сите муслимани е обврска на ОИС.
Чавушоглу нагласи дека Турција е активна во рамки на ОИС во насока на овие борби.
„Заштита на муслиманските малцинства и заедници, како и борбата против исламофобијата се две прашања поврзани едно со друго, на кои Турција и членките од Азија им придаваат важност“, рече Чавушоглу.
Тој укажа на зголемените исламофобични напади.
„Што се однесува до борбата против исламофобијата, со Малезија и Пакистан работиме во насока на основање на заеднички телевизиски канал. Како семејство на ОИС, во текот на нашето претседавање со ОИС реализиравме над 30 средби од високо ниво кои вклучуваат нови иницијативи, нови меканизми и безбројни ветувачки резултати“, истакна Чавушоглу
„Палестинската кауза е наша најважна агенда“, рече шефот на турската дипломатија, додавајќи дека успеале да ги обединат нивните напори против прекршувањата на Израел.
„Треба да бидеме непоколебливи и отпорни со цел се стави крај на израелската окупација и да се достигне до независна и суверена палестинска држава. Ги поздравувам сите Палестинци, почнувајќи од мало дете кое маршира на улиците на Газа за своја слобода и чест, се до сите храбри мажи и жени кои покажуваат отпор против окупацијата на Кудс, и против расистичката и нечовечката изолација. Го слушаме вашиот глас, милиони муслимани стојат до вас“, истакна Чавушоглу.









