Советот на Европската унија (ЕУ) даде зелено светло за тимот на претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен чиј состав останува да биде потврден и од Европскиот Парламент во среда. Новите 25 еврокомесари, заедно со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, беа одобрени на денешната седница со што се отвора пат за гласање на европратениците. Советот и Парламентот се двете ко-одлучувачки тела на Европската Унија.

Европскиот Парламент ќе треба да гласа за целокупниот состав на новата Европска Комисија. Очекувањата се дека тој ќе помине со тесно мнозинство. Доколку пратениците ја поддржат новата ЕК, таа би требало да почне со работа на 2 декември. Европските комесари се назначени од секоја земја членка на ЕУ, но Обединетото Кралство, и покрај барањата на Фон дер Лајен, не испрати свој кандидат поради изборната кампања што е во тек.

Брисел отвори прекршочна процедура пред десет дена против Лондон, а Советот денес уште еднаш ја потсети британската Влада дека сѐ додека е формално земја членка на ЕУ мора да ги почитува сите свои обврски согласно правото на ЕУ. Обединетото Кралство треба да ја напушти ЕУ на 31 јануари 2020 година.

Nova.