АНКАРА (АА) – Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, порача дека Турција ќе бара друга алтернатива за воени авиони доколку не ги добие „F-35“ од која било причина, пренесува Агенција Анадолија (AA).

„Сите треба да бидат свесни дека Турција ќе мора да бара алтернативи доколку авионите „Ф-35“ не можат да бидат набавени од која било причина“, рече Акар во интервју за „Ал Џезира“.

Хулуси Акар нагласи дека неодамна купените руски системи „С-400“ нема да бидат интегрирани во турскиот одбранбен систем и дека наместо тоа тие би биле дел од еден самостоен систем.

„Тоа е она што го зборувавме уште од почетокот [на спорот со САД]. Тој [S-400] дефинитивно ќе биде самостоен систем. Ние нема да го интегрираме во системите на НАТО. Тој ќе работи самостојно“, рече тој.

Нагласувајќи дека Турција ги исполнила своите одговорности како една од земјите партнери во програмата за авионите „F-35“, тој рече дека сојузниците, особено САД, треба соодветно да го реализираат својот дел.

Акар нагласи дека претходните обиди на Турција да го купи американскиот одбранбен систем „Патриот“ се одбиени, по што Анкара го купи системот „S-400“.

Турското купување на напредниот руски одбранбен систем „S-400“ ја поттикна администрацијата на САД во јули да ја отстрани Турција од програмата за петтата генерација воени авиони „F-35“.

САД тврдат дека системот може да го користи Русија за тајно добивање доверливи детали во врска со авионот и дека системот е некомпатибилен со системите на НАТО.

Турција се спротивстави на тоа, велејќи дека „S-400“ нема да биде интегриран во системите на НАТО и нема да претставува опасност за Алијансата.

– Развојот на настаните во Сирија –

Турскиот министер Акар рече дека заедничките турско-руски патроли во северна Сирија се корисни за следење на развојот на настаните во подрачјето каде што Турција започна антитерористичка операција за расчистување на терористите и за осигурување безбедно враќање на сириските бегалци.

„Верувам дека овие патроли ќе бидат уште покорисни и поуспешни во наредниот период“, додаде тој.

Истакнувајќи дека помеѓу Анкара и Москва е постигнат договор за повлекување на терористичката организација ПКК/ЈПГ и придружните групи од регионот, Акар рече дека терористите на ПКК/ЈПГ сѐ уште се присутни во областа.

– „Турција го почитува сирискиот територијален интегритет“ –

Акар потенцираше дека Турција од избувнувањето на граѓанската војна во Сирија во 2011 година секогаш го почитувала сирискиот политички и територијален интегритет.

„Немаме намери за ничија територија. Наша единствена желба и цел е безбедноста на нашата земја и народ“, рече тој, додавајќи дека терористичките организации ПКК/ЈПГ и ДЕАШ се главната грижа на Турција.

Акар рече дека терористите на ПКК/ЈПГ извршиле најмалку 1.200 минофрлачки и ракетни напади во последните денови врз населението што живее источно од реката Еуфрат.

Додаде дека вкупно 22 турски граѓани загинале, а 200 се повредени во напади на терористичката организација врз турските погранични градови од почетокот на турската операција „Извор на мирот“.

Тој нагласи дека Турција никогаш нема да напаѓа и загрозува цивили во своите операции и дека презела мерки кон заштита на цивилите, животната средина и историските и верските објекти.

– Ситуацијата во Идлиб –

На прашањето во врска со неодамнешните случувања во северозападната сириска покраина Идлиб, Акар рече дека режимот на Башар ал Асад не го почитува прекинот на огнот и дека ги прекршил договорите.

„…[Режимот на Асад] при секоја можност се трудеше да го наруши примирјето. Се разбира, може да се каже дека во тоа добија одредена помош од Русите“, рече Акар.

„Од 6 мај, околу 1.100-1.200 Сиријци ги загубија своите животи, а повеќето од нив беа цивили. Исто така, знаеме дека 600.000 луѓе ги напуштија своите домови. Оттука, ова е сериозна хуманитарна трагедија“, додаде тој.

Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите на ЈПГ/ПКК во северна Сирија, источно од реката Еуфрат, со цел обезбедување на турската граница и формирање безбедносна зона за доброволно враќање на сириските бегалци во тоа подрачје.

Анкара сака терористите на ПКК/ЈПГ да се повлечат од регионот за да може да се создаде безбедносна зона и да се отвори патот за безбедно враќање на околу два милиони бегалци.

Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е нејзин сириски огранок.