-Се што може да биде позитивно за двете страни  и за Македонија и за Бугарија ние го поддржуваме. Тука исто така не треба да имате дилеми, му одговори лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на бугарскиот премиер Бојко Борисов, на средбата вчера во Загреб во рамки на конгресот на Европската народна партија, на кој учествуваат како лидери на сестрински партии дел од оваа групација.

Во кусото видео од средбата што го објави Борисов се слуша целиот разговор, на кој присуствуваат потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски, меѓународниот секретар Тимчо Муцунски и пратеникот Влатко Ѓорчев, и во кој главно Борисов го прашува Мицкоски две прашања: Што мисли за Договорот со Бугарија и како што вели сега веќе Северна Македонија и што мисли за членството во ЕУ.

-Многу ми е важно што мислиш. Вложиме многу усилби.  Се видов со Мицотакис, а ќе се види тој и со тебе. Кога Бугарија влегуваше во ЕУ и комунистите, и либерали, и социјалисти и десни имаш народен консензус дека патот на Бугарија е во ЕУ. Многу ми е важно да знам како мисли нашата сестринска партија за Северна Македонија, му вели Борисов, на што Мицкоски одговара:

-Мислам дека тука не треба да има дилеми. Ние уште во 91 година практично при првиот конгрес ги кажавме нашите политики, НАТО и ЕУ за разлика од овие кои ги наследија комунистите сега што се социјалдемократи кои уште се колнеа во Белград и во Москва. Така што мислам дека никој не треба тука не треба да има дилема ниту некогаш имало дилема, вели Мицкоски.

Како аргументи за проевропската ориентација Мицкоски на Борисов му вели дека тој е стипендист на италијанската влада каде ја поминал магистратурата, докторат во Германија како стипендист на германската Влада, а за останатите присутни вели:

-Тимчо исто така е образуван во САД,  Влатко е женет за Амеирканка,  Александар долго време бил во Стразбур во Советот на Европа, така што тука не треба да имате ниту некој треба да има дилема за тоа прашање, одговара Мицкоски.

На ова Борисов му вели дека е важно да го знаат, бидејќи „не се знае утре кој ќе победи во Северна Македонија-дали ВМРО дали Социјалистите“, алудирајќи на претстојните предвремени парламентарни избори.

Што изјави Мицкоски за Договорот за Бугарија

Вчерашната изјава на Мицкоски во Загреб е изненадување во јавноста имајќи предвид дека во досегашните јавни настапи дома, и сега како лидер на партијата и како генерален секретар на партијата пред две години Мицкоски има сосема спротив став за Договорот со Бугарија.

– Бараме од Социјалдемократскиот сојуз да се повлече. Не е доцна, минута до 12. Апелираме на совеста на пратениците на Социјалдемократскиот сојуз да не го поддржат овој договор. Не е доцна, вие пратениците од Социјалдемократскиот сојуз имате обврска и кон вашите предци но и кон вашите деца. Однесувајте се одговорно барем вие, оставете го господинот Зоран Заев сам на овој случај – рече Мицкоски на 3 август 2017, два дена по потпишувањето на Договорот, на прес конференција во партиското седиште, како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој тогаш оцени дека Договорот предвидува опасна можност за промена на македонските учебници и останатите идентитетски обележја кои што се дел од нашето историско наследство.

Нова.