Шест земји – Австрија, Чешка, Полска, Словачка, Италија и Словенија напишаа писмо со поддршка на реформата на актуелниот процес на пристапување кон Унијата при што инсистираат на краен рок за да се избегне неодредено одолговлекување на процесот. Овој потег доаѓа по францускиот нон пејпер во кој е содржан предлогот за реформа на процесот на пристапување во ЕУ.
-Tочно е дека тековниот процес на пристапување на Западен Балкан напредува бавно и малку нерамномерно. Затоа, ние сме подготвени конструктивно да се вклучиме во обид да го подобриме овој процес. Ние ќе го сториме тоа со разбирање да и овозможиме на ЕУ да постигне консензус за започнување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија во март 2020 година, се вели во писмото.
-Нашиот став, како и кај голем дел од другите земји-членки, не е променет. Ние сакаме прво да ги почитуваме нашите обврски за отворање на пристапни преговори, а во меѓувреме можеме да разговараме како да се реформира процесот. Писмото е типична дипломатска алатка, сакаме да покажеме дека сакаме да бидеме конструктивни , изјави висок дипломат од една од шесте земји потписнички на ова писмо.
-Ние сме подготвени за реформа на процесот на проширување на ЕУ. Секогаш има простор за подобрување, но тоа не смее да доведе до одложување на стратегијата во однос на Северна Македонија и Албанија и нивната европска перспектива , изјави австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг по пристигнувањето во Советот за општи работи во вторникот наутро. „Сакаме да бидеме сигурни дека следната година ќе има зелено светло за отворање на разговорите за пристапување“, додаде тој.
Франција која ја предизвика бурата имаше позитивна реакција на ова писмо од шесте земји членки.
-Денес имаме шест држави – Италија, Австрија, Словенија, Словачка, Чешка и Полска, кои исто така изразија желба да продолжат да работат заедно со Комисијата, да го направат овој процес на преговори поефикасен, им изјави на новинарите, француската министерка за европски прашања Амели де Моншалан, при пристигнувањето во Советот.
-Ние сакаме да испратиме силна порака до земјите од Западен Балкан дека ЕУ ќе ја испорача својата обврска и лидерите ќе се навратат на ова прашање на пролет “, рече Тити Тупураинен, министерка за европски прашања на Финска, која е претседавач со Советот на ЕУ.
Осврнувајќи се на францускиот предлог, таа рече дека е „добро е што тие имаат свој предлог, тој го одржува процесот во живот, но сепак сите треба да ја чекаме новата Комисија да го започне нејзиниот мандат и да се прилагоди на овие барања, доколку има нешто што можеме да направиме во процесот, за да можеме да постигнеме едногласна позиција за проширувањето. Но, многу е важно денес да испратиме порака до земјите од Западен Балкан“, рече Тупураинен.
Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ вчера на состанокот на Советот за општи работи повоторно разговараа за проблемот со пропирувањето, но не постигнаа консензус.
-Пораката на многу министри до Тирана и во Скопје беше „ние сè уште сме тука за вас, ние ве сакаме и сакаме да го одржуваме живиот овој процес на проширување“, рече министерот за европски прашања на Грција Милитиадис Варвициотис.
Втората порака, како што рече е до Европската комисија: „Дојдете со ревидиран процес на проширување што може да ги задоволи потребите на земјите членки“.
-Се надевам дека во рамките на новата Комисија процесот на проширување ќе се подмлади“, рече Варвициотис, обраќајќи и се на претседателката на ЕК Урсула вон дер Лејн.
Нова.













