ЖЕНЕВА (АА) – Канцеларијата на високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (OHCHR) порача дека изградбата на еврејските населби на окупираните палестински територии претставува кршење на меѓународното право, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на ОХЦХР се наведува дека тоа веќе долго е добро познат став на ОН, кој нема да се менува.
Руперт Колвил, гласноговорникот на ОХЦХР, во обраќањето на новинарите во Женева се осврна на одлуката на Соединетите Американски Држави (САД), според која Вашингтон повеќе не ги смета еврејските населби на Западниот Брег за нелегални.
„Како составен дел на ОН можеме да кажеме дека изградбата на еврејските населби претставува кршење на меѓународното право“, рече Колвил, додавајќи дека е многу важно да се почитуваат нормите на меѓународното право.
„Одредена промена во смисла на политичката ситуација во државата не го менува меѓународното право, ниту одлуката на Меѓународниот суд на правдата и Советот на безбедност на ОН“, рече Колвил.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред предвремените избори во Израел на 17 септември вети дека еврејските населби на Западниот Брег со анексија ќе ги припои кон Израел.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео синоќа изјави дека САД повеќе нема да ги сметаат за нелегални еврејските населби на окупираниот Западен Брег.
На подрачјето на Западниот Брег, кое Израел го окупираше во 1967 година, се наоѓаат околу 250 илегални еврејски населби. Во тие места живеат над 400.000 еврејски доселеници.
Според меѓународното право, сите еврејски населби на окупираните територии се сметаат за нелегални.
Mahir Demishoski









