Се поблиску е денот кога Велика Британија повеќе нема да биде дел од Европската Унија. По неколкугодишниот мачен процес за напуштање на Унијата, популарно наречен „Брегзит“, извесно е дека Велика Британија идниот јануари ќе се збогува со ЕУ.
Брегзит се случува во исто време кога неколку земји од Западен Балкан, меѓу кои и нашата, се борат да ја отворат вратата за влез во Унијата.
Мислењата на луѓето кои ја следат дипломатијата, околу тоа дали Брегзит ќе влијае на македонската интеграција во ЕУ, се поделени.
Поранешнот амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски, смета дека можниот излез на Обединетото кралство од ЕУ значително го оптоварува дневниот ред на европските институции, и ја одржува неизвесноста во однос на приоритетите на европските политики во наредните години.
„Фокусот врз оваа тема го потиснува проширувањето подолу на агендата, и евентуалната разврска на овој процес ќе значи и можност Унијата да посвети поголемо внимание врз пристапувањето на нови држави-членки. Сепак, најголемо влијание врз македонската интеграција во ЕУ ќе има степенот на исполнетост на критериумите за членство, забрзување на реформските процеси и постигнување на видливи резултати од истите, како и нивно соодветно претставување пред институциите на ЕУ и нејзините држави-членки“, вели Наумовски.
Професорот Нано Ружин има сличен став и смета дека Брегзит делува индиректно врз нашата европска интеграција.
– Прво затоа што заедно со Франција, Велика Британија е единствена држава членка на Советот за безбедност на Обединети Нации, нуклеарна сила и која што економски многу тежеше во ЕУ и пошироко.
Нејзиното заминување отвори простор за Франција и за Макрон, да Франција сега која што почна една политика на построг однос кон проширувањето истата да ја фирмира полесно, додека Германија која што беше шампион на проширувањето на Западен Балкан, повеќе нема моќен сојузник да се спротивстави на француските позиции. Така што, во таа насока можеме да кажеме дека Македонија е погодена од Брегзитот во смисла дека заминувањето на Велика Британија негативно се одразува врз проширувањето на Западен Балкан, а да не зборувам за останатите економски, културни, дипломатски последици – вели Ружин.
Од друга страна, амбасадорот Мухамед Халили смета дека Брегзитот нема да има големо влијание врз нашата евроинтегација.
– Сметам дека во однос на влијанието на Брегзит врз процесот на добивање датум за отворање преговори со Европската Унија, овој процес не е поврзан со истиот бидејќи постојат институции меѓу Британија и ЕУ кои преговараат за начинот на излегување на Велика Британија од ЕУ и тие веќе се согласни дека Британија ќе ја напушти Европската Унија со договор – вели амбасадорот Халили, кој е и член на Советот на амбасадори.
Според Халили, влијание ќе има дебатата околу нон пејперот на Франција до Комисијата и тоа дали тие ќе дојдат до заеднички заклучок.
Нова.
Mahir Demishoski.










