Министрите за надворешни и европски работи на ЕУ денеска првпат по француската блокада во октомври ќе се навратат на прашањето за проширувањето кон западниот Балкан и преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Советот за општи работи кој се одржува денеска не предвидува никакви конкретни заклучоци, туку само размена на мислења помеѓу земјите членки и обид да се излезе од ќор-сокакот откако Париз ги блокираше преговорите со Северна Македонија со изговор дека е претходно потребна реформа на преговарачкиот процес.

На еден ден пред денешниот официјален состанок, во бриселските дипломатски кругови се разви дебата за францускиот нон пејпр во која се споменува сомнеж во вистинските намери на официјален Париз.

„Сето ова не може да го прикрие фактот дека француските предлози не се однесуваат на реформа на пристапниот процес, туку за ставање крај на проширувањето на ЕУ. Тоа е отровна стрела за земји како Северна Македонија кои направиле многу за исполнување на строгите услови на ЕУ за да започнат разговори за пристапување. Ако Франција се приклучи на консензусот на ЕУ за овој процес, ние всушност би можеле да видиме повеќе реформи и поголем напредок на теренот отколку преку вклучување во долги дискусии за методологијата”, вели неименуван дипломат за „Политико”.

„Ако сакавме да бидеме против процесот на проширување, тоа би било многу едноставно, би можеле само да ставиме вето“, реагира анонимен француски дипломат, додавајќи: „Ова не е она што го правиме. Се надеваме дека сега ќе можеме да ја отвориме дебатата. Значи, никој не е присилен да го прифати документот или да каже дека е совршен. Мора да ја отвориме дебатата и да предизвикаме дискусија за ова”, вели францускиот дипломат.

Од Европската Комисија засега не ги коментираат француските предлози затоа што не се овластени за тоа, потсети пред неколку дена портпарол на оваа институција.

Не треба денеска да се очекува дека министрите формално ќе побараат од ЕК да почне со новата методологија, пред сѐ затоа што во овој момент сѐ уште не стапил на функција новиот состав на ЕК кој го предводи Урсула фон дер Лајн. Сегашната техничка Комисија нема надлежност да иницира нови политики и стратегии.

Од денешната дебата може да се очекува опипување на пулсот на разните земји членки, но не и краен консензус по оваа тема.

Октомврискиот Европски Совет заклучи дека ЕУ треба да се наврати на прашањето за преговорите со Скопје и Тирана до мајскиот самит во Загреб помеѓу ЕУ и земјите од западниот Балкан.

Во меѓувреме, во Франција ќе се одржат локални избори, а во Македонија парламентарни. ЕУ би требало во текот на тој период да го реши и прашањето за истапувањето на Обединетото Кралство од ЕУ.

Нова.

Mahir Demishoski.