ТЕХЕРАН (АА) – Едно лице од безбедносните сили го загуби својот живот во Техеран, главниот град на Иран, на протестите поради зголемувањето на цената на бензинот, пренесува Агенција Анадолија (AA).

Во Иран и минатата вечер продолжија демонстрациите против зголемувањето на цената на бензинот. Според полудржавната новинска агенција „Мехр“, во синоќешните демонстрации биле запалени поштенските центри во областите Мелерд, Шехријар, Емирије и Кудус, филијали на банка, згради во државна сопственост и деловни објекти.

За време на тековните демонстрации во областа Кудус била запалена една џамија, а во Себашехр општинската зграда. Во центарот на Техеран бил запален автобус на безбедносните сили.

Во Мелдер, во инцидентите меѓу демонстрантите и безбедносните сили животот го загуби еден припадник на безбедносните сили.

Главните улици на Шираз, Исфахан и Керец беа затворени за сообраќај со барикадите поставени од страна на демонстрантите.

Демонстрации имаше и во градот Абадан во покраината Хузистан. На фотографиите споделени на социјалните медиуми се гледа дека е запален постерот на иранскиот лидер, Али Хаменеи, во центарот на Исфахан.

– 180 лица приведени во Хузистан –

Наставата во училиштата во Елбурс, Фарс, Исфахан и Хузистан беше прекината, а во Исфахан поради безбедносни причини беше прекинат и метро сообраќајот.

Гулам Риза Шериати, гувернерот на Хузистан, истакна дека во протестите се приведени 180 лица. Садик Муради, претседателот на Судот во Хузистан соопшти дека е уапсен водачот на демонстрантите.

– Полициски службеник е убиен во демонстрациите во Кирманшах –

Протестите во голем број ирански градови започнаа во петокот, откако Владата ја соопшти одлуката за зголемувањето на цената на горивата за 300 отсто.

Демонстрантите запалија бензински пумпи, банкарски филијали и полициски возила во многу градови. Еден полициски службеник беше убиен во саботните инциденти во градот Кирманшах.

Исто така, соопштено е дека повеќе од 1000 активисти се приведени во целата земја поради демонстрациите.

Mahir Demishoski