Ердоган: „Никогаш не сме седнале на маса со терористичките организации и нема да седнеме“

0
122

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во своето обраќање на Светскиот форум на ТРТ истакна дека тие што го откажале своето учество на Форумот како знак на протест кон операцијата „Извор на мирот“, всушност пропуштиле одлична можност: „Мислам дека тие не можат да ја сварат демократијата и сметам дека ги поддржуваат терористичките организации“, додаде Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).

„Тие нема потреба никаде да раскажуваат дека се против тероризмот. Ако сте против, ете, платформата е тука, ќе дојдете и со сè ќе докажете дека сте против теророт“, изјави Ердоган пред учесниците на Светскиот форум на ТРТ 2019, што се одржа во Конгресниот центар во Истанбул, чија главна тема е глобализацијата, ризиците и можностите.

Ердоган, посакувајќи плодни дискусии, рече дека Форумот, кој се одржува по трет пат, презема цврсти чекори за да стане една од најпрестижните платформи во регионот и во светот, обезбедувајќи решенија за глобалните проблеми.

Турскиот претседател истакна дека е покажано државите кои своите граници не ги формирале со пот и крв, туку цртајќи со линијар на маса, никогаш нема да станат вистински држави.

Потенцирајќи дека Турција нема никакви територијални претензии кон ниту една држава, кон слободата или интересите на ниту едно општество, Ердоган рече:

„Сите во Ирак, во Авганистан, во Либија, Африка и на Балканот можно е да се наоѓаат таму поради други намери. Турција е таму поради единствената судбина што ја има со своите браќа. Ова е особена доблест што никогаш нема да ја разберат тие што мислат дека една капка нафта е повредна од една капка крв.“

– „Ние ќе продолжиме прогонот да го нарекуваме прогон без правење некаква разлика“ –

„Во ниту еден момент како Турција, во нашиот мандат од 17-18 години не седнавме на маса со терористичките организации, не седнуваме ниту пак, ќе седнеме во иднина“, рече турскиот претседател.

Тој истакна дека не е можно и понатаму дипломатијата да се користи како средство на репресија од страна на моќните.

„Во северна Сирија, од Ирак се внесени 30 илјади камиони оружје, муниција, опрема, се прашувам дали тие што велат ‘јас сум најмоќниот на светот’ како ќе го објаснат ова, со кое демократско сфаќање?“

Ердоган, исто така, истакна дека оние кои веруваат во слободата на мислењето, оние кои веруваат во слободата на верувањето, за зелен долар никогаш нема да ја променат вербата ниту пак, мислењето.

– „Да го реконструираме организацискиот мотор на глобалниот систем“ –

Турскиот претседател повика на реконструирање на организацискиот мотор од глобалниот систем. „Ве повикуваме да дојдете и почнувајќи од Обединетите нации (ОН), да го реконструираме организацискиот мотор на глобалниот систем.“

„Сиот Запад застана зад терористите и сите заедно нѐ нападнаа нас. Вклучувајќи ги и земјите од НАТО и оние од Европската Унија. Нели вие бевте против тероризмот, против теророт, од кога вие почнавте да делувате заедно со теророт?,“ запраша Ердоган.

Тој посочи дека утре претстои состанок со рускиот претседател Владимир Путин на кој ќе се разговара за процесот во врска со операцијата, по што, како што истакна, ќе се направат неопходните чекори.