Столтенберг: „Турција има оправдана загриженост за безбедноста на јужната граница“

0
128

Генералниот секретар на Северноатлантскиот сојуз (НАТО), Јенс Столтенберг, денеска изјави дека Турција има легитимна загриженост за безбедноста на својата јужна граница, и додаде дека Турција е важна членка на тој сојуз, јавува Anadolu Agency (AA).

Столтенберг, на седницата на Парламентарното собрание на НАТО во Лондон изјави дека минатата недела ја посетил Турција и дека со претседателот Реџеп Таип Ердоган и шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, разговарал и за операцијата која турските сили ја спроведуваат на северниот дел на Сирија.

Тој истакна дека операцијата создава ризик за зголемување на тензиите и хуманитарните проблеми во регионот, но рече дека Турција има оправдана загриженост за безбедноста на нејзината јужна граница.

„Ниту една друга членка на НАТО не претрпе толку терористички напади, ниту една членка не е под поголем притисок од кризата и насилствата од Блискиот Исток. Ниту една членка не прими толку сириски бегалци“, изјави Столтенберг.

Столтенберг, исто така изрази надеж дека членките на НАТО заеднички ќе дејствуваат и дека ќе биде ефикасно одбранета придобивката од победата над терористичката организација ДЕАШ.

На прашањето да ја коментира актуелната ситуација на границата меѓу Турција и Сирија, Столтенберг изјави дека во тој контекст мора да се сфати улогата на Турција во НАТО.

„Турција е важна членка, не само во борбата против ДЕАШ, туку за голем број прашања. Меѓународната коалиција и сојузниците на НАТО за победата над ДЕАШ ги користеа базите и инфраструктурата во Турција“, изјави Столтенберг.

  1. Предупредувајќи на постоењето на елементите на терористичката организација ДЕАШ, Столтенберг изјави дека е важно да се сочува единството во борбата против таа организација, без оглед што таа повеќе не контролира ниту едно специфично подрачје.