Турското Министерство за надворешни работи најостро ги осуди изјавите на официјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) во кои врши споредување на формирањето на безбедносната зона во Сирија со геноцидот во Сребреница, јавува Anadolu Agency (AA).

Споредувањето меѓу воспоставувањето безбедносна зона во Сирија и геноцидот во Сребреница во својата изјава го направи регионалниот координатор на ОН за сириската криза, Панос Мумциз.

Портпаролот на турското МНР, Хами Аксој, реагираше на овие изјави порачувајќи дека најостро ги осудува и ги отфрла ваквите наводи.

Тој потсети дека Турција примила речиси 4 милиони сириски бегалци и обезбедила хуманитарна помош за милиони луѓе во таа земја.

„Нашиот одговор на оваа неодговорна изјава на регионалниот координатор, кој мора најдобро да ја знае помошта на нашата земја за сирискиот народ, е проследен до ОН“, порача Аксој и додаде:

„Додека терористичката организација ПЈД/ЈПГ врши притисок и насилство над населението во регионот, вклучувајќи ги и Асирците, Калдејците и Арамејците, фактот дека наведеното лице кон тоа не покажува никаква чувствителност е најдобар показател за тој болен поглед.“

Аксој нагласи дека Турција е земја која вложила најголеми напори за спречување на геноцидот во Сребреница, и дека во таа смисла, и од аспект на турската јавност, неприфатливо е ваквото изопачено сфаќање на геноцидот во Сребреница.