Русија ја разбира загриженоста на Турција за граничната безбедност

0
115

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Русија ја разбира загриженоста на Турција во врска со нејзината погранична безбедност, јавува Anadolu Agency (AA).

„Ја разбираме загриженоста на Турција во врска со нејзината погранична безбедност“, изјави Лавров.

„Турската операција во североисточна Сирија е резултат на чекорите преземени од САД во регионот“, додаде тој.

Тој ги даде овие изјави еден ден откако турските трупи заедно со Сириската национална војска (SNA) ја започнаа операцијата „Извор на мирот“ против терористите на ПКК/ЈПГ и ДЕАШ во северниот дел на Сирија.

Операцијата е покрената источно од реката Еуфрат во северна Сирија за да се обезбедат нејзините граници со елиминација на терористичките елементи, да се сочува територијалниот интегритет на Сирија и да се овозможи безбедно враќање на сириските бегалци во матичната земја.

Турција изјави дека терористичката група ПКК и нејзиниот огранок ЈПГ/ПЈД претставуваат најголема закана за иднината на Сирија и ги загрозуваат територијалниот интегритет и унитарната структура на земјата.

Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.