Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, допатува во дводневна посета на Србија, а на Меѓународниот аеродром „Никола Тесла“ во Белград беше пречекан од српскиот претседател, Алексадар Вучиќ, со делегацијата, јавува Anadolu Agency (AA).

Со Ердоган во Белград допатуваа и неговата сопруга, Емине Ердоган, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за одбрана, Хулуси Акар, министерот за земјоделство и шумарство, Бекир Пакдемирли, министерот за сообраќај и инфраструктура, Мехмет Џахит Турхан, и директорот на претседателскиот Уред за комуникации, Фахретин Алтун. Претседателот на Турција меѓу останото, го дочекаа и амбасадорот на Турција во Србија, Тању Билгич, и српскиот амбасадор во Анкара, Зоран Марковиќ.

По свечениот дочек во Палатата „Србија“, Ердоган ќе одржи состанок со српскиот претседател Вучиќ и ќе присуствува на втората седница на Високиот совет за соработка на Република Србија и Република Турција. Обраќањето на двајцата претседатели е планирано и на Српско-турскиот деловен форум, на кој ќе присуствуваат голем број бизнисмени од овие земји.

Ердоган, Вучиќ и претседавачите и членови Претседателството на Република БиХ, Жељко Комшиќ, Шефик Џаферовиќ и Милорад Додиќ, утре во Белград ќе се состанат на трилатералниот самит на Србија, БиХ и Турција.

По самитот, претседателите на Турција, Србија и членовите на Претседателството на БиХ ќе присуствуваат на свечената церемонија за ставање камен-темелник за изградба на Автопатот Белград – Сараево во Сремска Рача.