Втората седница од Високиот совет за соработка на Србија и Турција предводена од претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, започна денес во Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган на отворањето на седницата изрази задоволство од напредокот во односите меѓу Турција и Србија во областите на политиката, економијата, трговијата и културата.
„Придавам големо значење на оваа седница и верувам дека со соработката на нашите министри односите на двете земји и понатаму ќе одат по нагорна линија“, рече Ердоган.
Вучиќ укажа на можноста за понатамошно јакнење на односите во сите области на соработка.
Двајцата претседатели претходно ја посетија изложбата „Србија и Турција во документите на Османлискиот архив и Архивите на Србија“, а потоа одржаа тет-а-тет состанок.
По завршувањето на седницата на Високиот совет за соработка на двете земји, следуваат изјави на двајцата претседатели, а потоа ќе се обратат на отворањето на Српско-турскиот деловен форум, на кој ќе присуствуваат голем број стопанственици од двете земји.
Со Ердоган во Белград допатуваа и неговата сопруга, Емине Ердоган, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за одбрана, Хулуси Акар, министерот за земјоделство и шумарство, Бекир Пакдемирли, министерот за сообраќај и инфраструктура, Мехмет Џахит Турхан, и директорот на претседателскиот Уред за комуникации, Фахретин Алтун. Претседателот на Турција меѓу останото, го дочекаа и амбасадорот на Турција во Србија, Тању Билгич, и српскиот амбасадор во Анкара, Зоран Марковиќ.
Ердоган, Вучиќ и претседавачите и членови Претседателството на Република БиХ, Жељко Комшиќ, Шефик Џаферовиќ и Милорад Додиќ, утре во Белград ќе се состанат на трилатералниот самит на Србија, БиХ и Турција.
По самитот, претседателите на Турција, Србија и членовите на Претседателството на БиХ ќе присуствуваат на свечената церемонија за ставање камен-темелник за изградба на Автопатот Белград – Сараево во Сремска Рача.











