Турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез, денес изјави дека турскиот брод „Јавуз“ ќе изврши нова сондажа во Медитеранот, јавува Anadolu Agency (AA).
Донмез говореше за време на 10. Енергетски самит на Турција во Анталија и изјави дека бродот „Јавуз“ пристигнал на својата позиција во саботата и се подготвува за својот последен круг на сондажа, што се очекува да започне денес или утре.

„Турција останува решена во однос на одбраната на правата на Турската Република Северен Кипар и на кипарските Турци за ресурсите околу островот, права за кои се запознаени Обединетите нации“, рече тој.
„Нема да отстапиме место на енергетската пиратерија во Источниот Медитеран“, рече Донмез, осврнувајќи се на едностраните активности на кипарските Грци недалеку од островот, додавајќи дека Турција со право ќе го заземе своето место и ќе спроведува активности.
Ова истражување е проект на самоодржливост на Турција, која ги има опремено бродовите за сондажа во Источниот Медитеран со домашна технологија и турски инжинери. Оваа самоодржливост се однесува и на другите проекти за гас во земјата.
„Нашиот сегашен капацитет за течен природен гас (LNG) го зголемивме за четири пати во споредба со 2016 година. Со пуштањето во употреба на нашиот објект „Saros Floating Storage Regasification Unit“ (FSRU) ќе можеме да исполниме приближно половина од дневната потрошувачка од нашата ЛНГ-инфраструктура“, објасни тој.
„Се надевам дека нашата самооддржливост ќе отвори врати за подобри денови пред нас“, заклучи турскиот министер за енергетика.










