Холандскиот Национален институт за јавно здравје (РИВМ) објави дека наредил повлекување на преработено месо од прехрамбени продавници, откако било утврдено дека е поврзано со труење на голем број луѓе во изминатите две години.

Портпаролот на РИВМ, Јан Брувер де Конинг изјави дека експертите го тестирале ДНК-то на бактеријата листерија што предизвикува труење на 20 лица, од кои тројца починале и абортус на една жена, поради што Институтот може да заклучи дека труењето потекнува од еден извор, пренесува Ројтерс.

Потоа, било утврдено дека изворот на труење е најверојатно месни производи од фабриката за преработка на месо Оферман во градот Алсмер, што ја натерало компанијата да ги повлече производите од супермаркетите и другите намирници.

Оферман, која е подружница на белгискиот производител Тер Беке, објави дека ги прекинала сите активности поврзани со производство и пакување на месни производи, пренесува Танјуг.

Како резултат на тоа, паднале акциите на белгискиот Тер Беке, која последователно објави дека во врска со случајот соработува со истражителите.

(Вијести.ба)