Во Истанбул од вчера забележани 188 потреси, голем број граѓани ја поминаа ноќта надвор

0
117

По земјотресот со јачина од 5,8 степени по Рихтер, што вчера го погоди Истанбул, со епицентар во Мраморното Море, на тоа подрачје беа забележани дури 188 потреси со помал интензитет, меѓу кои најсилниот изнесуваше 4,1 степен. Поради страв и паника, голем број граѓани на Истанбул ноќта ја поминаа под отворено небо, јавува Anadolu Agency (AA).

Турската агенција за управување со вонредни ситуации (AFAD) вчера потврди дека епицентарот на земјотресот е регистриран во Мраморното Море кај истанбулското подрачје Силиври, на длабочина на тлото од седум километри.

За време на земјотресот вчера во Истанбул се сруши минаре на џамија во подрачјето Авџилар. Како што е соопштено од Кабинетот на гувернерот на Истанбул, денес нема да се одржи настава во 14 истанбулски училишта.

Потпретседателот на Турција, Фуат Октај, денес изјави дека во АФАД се пријавени 473 пукнатини на станбени објекти. Октај, исто така, потврди дека вчера биле забележани дури 188 потреси со послаб интензитет.

„Како последица на земјотресите повредени се најмалку 34 наши граѓани. Од нив 24 се пуштени од болница, додека 10 лица се задржани“, изјави Октај.

Со оглед на тоа дека потресите со помал интензитет продолжија, голем број граѓани одлучија ноќта да ја поминат надвор од своите домови. Некои ноќта ја поминаа во парк, некои во автомобилите.

Во организација на Град Истанбул и Црвената полумесечина на Турција, на граѓаните кои одлучија ноќта да ја поминат надвор им беа поделени топли оброци, конзерви и вода.