Саудискиот принц Бин Салман ја призна одговорноста за убиството на Кашоги

0
130

Саудискиот престолонаследник, принцот Мухамед бин Салман, во врска со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, истакнал дека тој настан бил извршен под негова одговорност и дека тој самиот ја презема целата одговорност во врска со тоа, пренесува Anadolu Agency (AA).

Изјавата на Бин Салман во врска со убиството на Кашоги дадена за време на трката со електрични автомобили во Ријад во декември 2018 година за новинарот Мартин Смит, уредник на програмата „Frontline“ во американскиот ТВ-канал „PBS“, е вклучена во трејлерот на оваа програма, што ќе се објави на 1 октомври.

Во овој трејлер се наведува дека принцот Салман за прв пат во едно интервју одговорил на прашањата во врска со убиството на Кашоги, а во трејлерот се додадени делови од дијалогот на Салман и новинарот Смит, без да бидат вклучени снимки и гласот на Салман.

„Кога го прашав за неговата улога во убиството на Кашоги, тој рече: Овој настан беше извршен под моја одговорност. Ја преземам целата одговорност бидејќи се случи под моја одговорност“, истакнал Смит, се вели во трејлерот.

Смит рече дека го запрашал Салман: „Како може да се случи такво нешто без да знаете вие?“, а Салман одговорил: „Во Саудиска Арабија живеат 20 милиони лица, а има 3 милиони лица кои работат во државната администрација.“

Смит го запрашал Салман: „Дали тие можат да земат еден од вашите авиони?“, а Салман одговорил: „Постојат надлежни лица, министри кои ги следат моите работи. Тоа е нивна одговорност. Тие имаат овластување да го прават тоа.“

– Убиството на Кашоги

Саудискиот новинар Џамал Кашоги на 2 октомври 2018 година беше убиен во саудискиот Конзулат во Истанбул.

Според извештајот од 101 страница објавен во јуни од страна на Високиот комесаријат на ОН за човекови права (OHCHR), Саудиска Арабија е одговорна за убиството на Кашоги.

Во извештајот беше наведено дека постојат веродостојни докази за вршење истрага против високи функционери, меѓу кои и принцот Салман.

Според овој извештај, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повикал да се започне комплементарна кривична истрага во врска со убиството на Кашоги, и нагласил дека санкциите во врска со убиството на Кашоги треба да го вклучат Салман, како и неговиот личен имот во странство.