Иранскиот министер Зариф со критики до Германија, Велика Британија и Франција

0
105

Иранскиот министер за надворешни работи, Мухамед Џевад Зариф, реагираше на тоа што Франција, Германија и Велика Британија го сметаат Иран за одговорен за нападот на нафтените постројки на Саудиска Арабија, посочувајќи дека трите земји од Европската Унија (ЕУ) не успеале да ги исполнат своите обврски кон Договорот за нуклеарната програма, пренесува Anadolu Agency (AA).

Зариф на својот официјален профил на Твитер ги критикуваше Франција, Германија и Велика Британија за обвинувањато кон Иран за нападот врз нафтените објекти на „Сауди Арамко“ (Saudi Aramco) на 14 септември.

Иранскиот министер тврдејќи дека Германија, Франција и Велика Британија не ги исполниле своите обврски кон нуклеарниот договор и дека тоа јасно се гледа од мај 2018 година, нагласи: „Откако Соединетите Американски Држави (САД) го напуштија договорот, трите земји од ЕУ не успеаја да ги исполнат своите обврски кон нуклеарниот договор. Овој проблем може да се реши со демонстрирање силна волја за независно делување, со неповторување на празните тврдења на САД како папагал и со почитување на нуклеарниот договор.“

Зариф, во однос на изјавите на земјите на ЕУ за нов нуклеарен договор рече: „Без да се почитува постојниот договор, во никој случај нема да има нов договор.“

Германската канцеларка, Ангела Меркел, францускиот претседател, Емануел Макрон, и британскиот премиер, Борис Џонсон, кои присуствуваа на 74. Генерално собрание на ОН во Њујорк, синоќа издадоа заедничко соопштение.

Во соопштението се истакнува: „Јасно е дека Иран е одговорен за овој напад. Нема друго разумно објаснување. Ние ја поддржуваме истрагата за да дознаеме повеќе детали.“