Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган предупреди дека меѓународната заедница губи способност за пронаоѓање трајни решенија за предизвиците како што се тероризмот, гладтта, бедата и климатските промени, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не можеме судбината на човештвото да ја препуштиме на неколку земји. Уште еднаш нагласувам дека светот е поголем од пет”, рече Ердоган во обраќањето на 74. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, алудирајќи на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН.
„Мораме веднаш да спроведеме темелни реформи во Советот за безбедност на ОН, во согласност со правда и еднаквност”, додаде тој.
Турскиот претседател ги повика членките на ОН да ги поддржат напорите на Турција за воспоставување на безбедноста во Идлиб за да се избегнат масовни миграции и масакри.
„Турција е највеликодушната земја во поглед на хуманитарната помош, домаќин е на најголем број раселени луѓе на глобално ниво.Турција исто така во 2019 година спаси 32.000 илегални мигранти од потонување во море”, рече Ердоган.
„Сметаме дека би можела да биде организирана донаторска конференција под покровителство на Обединетите нации за да се поддржи враќање во безбедните подрачја во Сирија”, рече Ердоган.
Истакна дека светот брзо го заборави детето Ајлан Курди, чие безживотно тело кон почетокот на септември 2015 година е пронајдено на турскиот брег од Средоземното море.
„Светот брзо го заборави бебето Ајлан. Не заборавете дека еден ден може да ви се случи истото”, рече турскиот претседател и предупреди и на проблемите и насилството во Палестина.
„Преовладува неправда во Палестина. Сликите од невина жена која на улица ја убија израелските војници мора да разбуди сечија совест. Каква улога и смисла има ОН доколку не успева да ги спроведе сопствените резолуции против Израел”, рече Ердоган.
„Решение е воспоставување на независна Палестина со границите од 1967 година со источен Ерусалим (Кудс) како главен град”, рече Ердоган.
За конфликтот во Кашмир кој чека решение 72 години, турскиот претседател рече дека „треба да се реши преку дијалог врз основа на правда и правичност.”
Исто така, Ердоган порача дека „нуклеарната енергија би требала да биде забранета на сите или да биде дозволена на сите.”
Ердоган ги повика Обединетите нации 15 март, денот кога е извршен нападот во џамијата во Крајстчрч, да се прогласи за Меѓународен ден на солидарноста против исламофобијата” и своето обраќање го заврши со пораката: „Слобода, мир, просперитет, правда, мирна и безбедна иднина за сите”.










