ЕСКИШЕХИР (АА) – Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган во турскиот град Ескишехир порача дека неговата земја нема да молчи на тоа што Соединетите Американски Држави (САД), во регионот на северот на Ирак испратиле повеќе од 30.000 камиони оружје и муниција, јавува Anadolu Agency (AA).

Ердоган во Ескишехир се состана со претставниците на Партијата на правдата и развојот (АК Партија), а во текот на своето обраќање се осврна и на актуелните случувања. Ердоган додаде дека на 21 и на 22 септември ќе престојува во посета на САД и ќе присуствува на заседавањето на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Ердоган рече дека веројатно ќе има и одделен состанок со американскиот претседател Доналд Трамп, со кој ќе разговара за актуелната ситуација во Сирија.

„За овие теми телефонски разговаравме и пред седум дена. Верувам дека и во таа пригода ќе разговараме повторно лице в лице. Ќе разговараме за наредните чекори во регионот источно од Еуфрат. Бидејќи она што се говори и она што е во пракса не се совпаѓа, поради тоа некои работи мораме да решиме. Ако на северот на Сирија се врши обука на припадници на терористичка организација како што е ЈПГ/ПЈД, нам тоа ни е неприфатливо”, рече Ердоган и продолжи:

„САД во регионот (северот на Ирак) испратија повеќе од 30.000 камиони оружје и муниција. Со кој тие ќе се борат, таму постои само една земја, тоа е Турција. Дали ние на тоа треба да кажеме дека е во ред, дали на тоа да молчиме?”, порача Ердоган.

Осврнувајќи се и на прашањето на бегалците кои престојуваат во бегалските кампови во неговата земја, Ердоган потсети дека земјите на ЕУ ветија дека ќе пружат поддршка околу згрижувањето на бегалците и истакна: „Ако не помогнат, ние немаме друг избор туку да ги отвориме границите”.