Бахами: Бројот на загинати од ураганот Доријан се искачи на 20

0
143

Бројот на загинати од ураганот Доријан кој ги погоди Бахамите се искачи на 20, јавува Anadolu Agency (AA).

Дуејн Сендс, министерот за здравство на Бахами, изјави дека бројот на загинати од ураганот се искачил на 20 и ја изрази својата загриженост од можноста за зголемување на бројот на загинати.

Ураганот од 5. категорија, кој во Атлантскиот Океан ги погоди Бахамите, предизвика човечки жртви и голема материјална штета.

На видеоснимките што ги објави американската Национална администрација за аеронаутика и вселена (NASA), прикажан е степенот на настанатата штета од ураганот што ги погоди Бахамите.

– Потребна е хуманитарна помош за 70.000 луѓе –

Бахамите, кои беа зафатени од ураганот, ги посети Марк Ловкок, помошникот на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), одговорен за хуманитарни работи, кој истакна дека на 70.000 лица итно им е потребна хуманитарна помош во храна и чиста вода за пиење.

Премиерот на Бахами, Хуберт Минис, информираше дека се оштетени 60% од објектите во околината на пристаништето Марш.

– Ураганот напредува кон САД –

Ураганот, кој падна во 2. категорија, напредува кон источниот дел на Соединетите Американски Држави (САД) и се очекува да ги погоди државите Флорида и Џорџија, а се очекува да биде силен и во државите Јужна и Северна Каролина.

Американскиот национален центар за урагани предупредува дека ураганот Доријан, чија брзина се намали на 177 километри на час, сѐ уште е закана и може да предизвика поплави.

Поради ураганот, во државите Јужна и Северна Каролина откажани се голем број летови, а во Северна Каролина спроведени се и присилни евакуации.

– АА ги следи подготовките на самото место –

Дописникот на Anadolu Agency (AA) од самото место ги следи подготовките во американските сојузни држави кон кои напредува ураганот.

АА ќе организира програма во живо од повеќе држави во САД, првенствено од Флорида, подготвувајќи инстант фотографии и видеа.