Израел бара да се запре швајцарското законодавство кое дозволува приведување на израелските политичари и воени службеници кои се обвинети за вршење воени злосторства врз Палестинците, објави израелскиот радиодифузен сервис, пренесува Anadolu Agency (AA).
Израелскиот министер за надворешни работи, Јизраел Кац, вчера се упати во Швајцарија за да дискутира за законодавството и случаите со приведувања.
Посетата е со цел да се пронајде итно решение за швајцарското законодавство кое дозволува приведување на израелските политичари и воени службеници против кои се поднесени тужби под обвинение за сторени воени злосторства врз Палестинците.
Во јули оваа година, поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт ја откажа својата посета на Швајцарија поради страв дека ќе биде приведен под обвинение за сторено воено злосторство врз Палестинците.
Тој беше информиран дека швајцарските локални власти имаат намера да го приведат врз основа на судските постапки поведени против него под обвинение за сторено воено злосторство за време на војната во Газа во 2008 година.
Израелските воени операции во 2008 година предизвикаа смрт на повеќе од 1.400 Палестинци, а илјадници беа повредени при масовното уништување во Газа.
Во текот на изминатите години Палестинците и адвокатите беа активни во пополнување жалби до судовите во западните земји против израелските официјални претставници, обвинувајќи ги за сторено воено злосторство врз Палестинците за време на воените операции.










