Рашфорд нова жртва на расистички напади во англиската Премиер лига

0
113

Сè почестите расистички напади го загрижуваат раководството на англиската Премиер лига, а последната жртва на таквите напади беше младиот напаѓач на Манчестер јунајтед, Маркус Рашфорд, пренесува Anadolu Agency (AA).

Тимот од Олд Трафорд е поразен од Кристал палас во вчерашниот меч, а 21-годишниот англиски репрезентативец Рашфорд не успеа да реализира пенал во 70. минута од мечот.

Рашфорд поради промашениот единаесетерец се најде на удар од расистички напади на социјалните мрежи. Речиси идентичен случај е забележан и претходната недела, кога поради промашен пенал жртва на расистички напади на социјалните мрежи беше францускиот фудбалски ас Пол Погба.

Минатата недела, исто така, поради промашени пенали како цел на расистите на социјалните мрежи беше и напаѓачот на Челзи, Теми Абрахам, и фудбалерот на Рединг, Јаку Меите.

„И минатата недела разговаравме за овој проблем. Мораме да застанеме, немам зборови. Спроведени се многу антирасистички кампањи, но напаѓачите сега се кријат зад лажни идентитети на социјалните мрежи. Лудост е што во 2019 година зборуваме за расизам“, изјави шефот на стручниот штаб на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјаер.

Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед и селектор на женската фудбалска репрезентација на Англија, Фил Невил, ги повика сите фудбалери на Премиер лигата поради расистичките напади да ги бојкотираат социјалните мрежи и тој вид на комуникација со навивачите.