Муслиманските верници во Северна Македонија, Албанија и Косово, денеска се собраа во џамиите да клањаат Бајрам намаз по повод празникот Курбан бајрам. Верниците се собраа во џамиите во Скопје, Тирана, Приштина и Призрен, но и во другите градови во овие земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Северна Македонија, централната манифестација се одржа во Мустафа-пашината џамија во Скопје. Пред молитвата, Исламската верска заедница (ИВЗ), како и секоја година, традиционално, подготви програма со читање на Куранот и пеење на илахии на албански, македонски, турски, босански и арапски јазик.
Бајрам намазот го водеше деканот на Факултетот за исламски науки во Скопје, Шабан Сулејмани, додека Бајрамската хутба во име на поглаварот на ИВЗ ја прочита Хафиз Ајдин Јахја, и тоа на албански, македонски и на турски јазик.
Во говорот на Бајрамската хутба, Јахја испрати пораки за мир и толеранција, а се осврна и на верниците кои се наоѓаат на аџилак во светите места. Тој посака аџиите од Северна Македонија да се вратат здрави и со прифатен аџилак.
Бајрам намазот го изврши муфтијата од Гостивар, Шакир Фетаху, по што муслиманските верници си го честитаа празникот Курбан бајрам.
И муслиманските верници во Албанија клањаа Бајрам намаз, собирајќи се во џамиите низ целата земја.
Централната манифестација на Курбан бајрам се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Тирана, со учество на илјадници верници и разни личности.
Бајрам намаз се клањаше и во други градови во Албанија, каде што верниците учествуваа во верските ритуали во џамиите низ целата земја.
Пред молитвата, и во Тирана се одржа програма со читање на Куранот, говори и поздравни обраќања.
И џамиите во Косово собраа голем број верници по повод празникот Курбан бајрам, додека централниот настан се одржал во џамијата „Фатих Султан Мехмет“.
И во Призрен, исто така, многу верници учествуваа во обредите на празникот Курбан бајрам. Централната манифестација во овој град се одржа во Синан-пашината џамија.
Освен во објектот на џамијата, верниците клањаа и во дворот на џамијата.
По Бајрам намазот, турската Црвена полумесечина подели локум за верниците.
Празникот Курбан бајрам започнува со клањање на Бајрам намаз рано утрината во џамија, а потоа продолжува со колење курбани, симбол на празникот, како и посета на роднините и пријателите.
За време на Курбан бајрам, разни институции и организации од земјите од регионот, но и од Турција, ќе дистрибуираат курбанско месо на сиромашните семејства во различни градови во Северна Македонија, Албанија и Косово.










