Десетина демонстранти приведени се денес на протести во центарот на Москва, на кои опозицијата бара фер услови за избори. Како што објавија медиумите, повикувајќи се на независна група за набљудување, досега се уапсени 89 демонстранти.
Непосредно пред протестите, полицијата го приведила добро познатата опозициска активистка, Јубова Собол.
Собол која штрајкува со глад ги повика луѓето да излезат на протест. Таа била приведена додека била во такси, обидувајќи се да дојде на протест.
И покрај насилството во саботата и забраната за собирање, уште еден протест во Москва започна веднаш по 1 часот попладне заради незадоволството од одлуката на изборната комисија која им оневозможи на опозициските политичари да учествуваат на локалните избори во главниот град на Руската Федерација.
Полицијата распоредила голем број војници во централното подрачје на градот пред протестите, поставувајќи големи метални барикади во некои области, вклучително и улицата Тверскаја, каде минатата недела се судрија со демонстрантите.
Претходно на одржаните демонстрации на 27 јули, уапсени беа повеќе од илјада луѓе, а се одржаа и покрај предупредувањата од московските власти дека на организаторите не им е дозволено да одржуваат протести.
Руската полиција остро реагираше против демонстрантите во центарот на Москва минатата сабота, а некои демонстранти беа претепани за време на судирите со полицијата.
Новинарите на Радио Слободна Европа (РСЕ) објавија дека на почетокот на полициската акција, некои демонстранти ја пееле руската химна, додека други извикувале: „Ние сме невооружени“, „Фер избори“, „Русија ќе биде слободна“. Слогани на протестот беа и „Русија без Путин“ и „оставката на Путин“.
Неколку опозициски активисти кои сакаа да учествуваат на изборите во московското собрание беа уапсени пред протести на различни локации во градот. Притворените вклучуваат опозиција и потенцијални кандидати – вклучувајќи ги Иван Ходанов, Илја Ишин и Дмитриј Гудков, објавија претставниците на РСЕ.
Најпознатиот руски опозиционер, Алексеј Навални, беше уапсен на 24 јули и осуден на 30 дена затвор за повик на неовластен митинг во Москва.
Одлуката на изборните органи да забранат кандидирање на некои опозициски кандидати е донесена заради наводно недоволно собраниот број потписи. Изборите за московското собрание беа распишани на 8 септември, собраниските советници се избираат на пет години, а собранието сега е под контрола на владејачката Обединета Русија.
По демонстрациите во саботата, Русија започна истрага и најавено е дека на протестот ќе бидат поднесени три кривични пријави за насилство врз полицијата и другите службени лица.
Европската унија (ЕУ) ги осуди апсењата „и непропорционалната употреба на сила против мирни демонстранти“ за време на минатонеделните протести во Москва, се вели во соопштението од прес-службата на ЕУ.
Протестите за отфрлање на опозициските политичари на локалните избори во Москва продолжуваат од средината на јули. Повеќе од 10.000 луѓе присуствуваа на еден од најголемите протести на 20 јули.










