САД и авганистанските талибанци преговараа за договор што ќе го отвори патот за повлекување на американските сили од Авганистан 18 години по воената интервенција.
Повлекувањето на американските трупи од Авганистан беше едно од предизборните ветувања дадени од страна на американскиот претседател Доналд Трамп. Ова е осма рунда разговори помеѓу авганистанските востаници и САД, претставени од американскиот претставник Залмај Халилзад, а преговорите се водат во Доха.
Вашингтон бара политички договор со Талибанците пред претседателските избори во Авганистан на 28-ми септември.
„Постигнавме голем напредок. Разговараме “, изјавил Трамп вчера пред новинарите.
САД бараат Талибанците да се посветат на прекин на огнот и да ги прекинат сите врски со припадниците на групација Ал-Каеда.
Според „Вашингтон пост“, договорот на маса предвидува намалување на бројот на американските трупи во Авганистан од 14.000 на 8.000. Халилзад, по пристигнувањето во Доха,изјави дека „целта на преговорите е мировен договор, а не договор за повлекување на војници – мировен договор што ќе овозможи повлекување“.
Талибанците одбиваат да преговараат директно со Кабул, чии претставници не учествуваат во разговорите на Катар. Договорот Вашингтон-Талибан ќе го отвори патот за дијалог меѓу бунтовниците и авганистанската влада.
