Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) организираше церемонија во Општина Прилеп, по повод донацијата на возило за прва помош за Општата болницата „Борка Талески“, јавува Anadolu Agency (АА).
На церемонијата присуствуваа министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, координаторот на ТИКА – Скопје, Ајтекин Ајден, градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски, директорот на Општата болница „Борка Талески“, Драги Богоески, болнички персонал и други гости.
Министерот Филипче, во својот говор, се заблагодари за донацијата, од како што рече, пријателска Турција, а исто така упати благодарност за донацијата и до амбасадорката на Турција во Скопје, Кара, и координаторот на ТИКА – Скопје, Ајден, потсетувајќи дека имаат одлична соработка со ТИКА.
„Тие (ТИКА) секогаш го донираат она што е најпотребно. И затоа донациите одлично служат на целта. Дозволете да ја споменам и донацијата која се однесуваше на осовременување на интензивната нега на Клиниката за педијатрија, што значајно придонесе за намалување на новороденечката смртност. Ова болничко возило значајно ќе го олесни транспортот на пациентите од болницата во Прилеп кон клиниките во Скопје, тогаш кога тоа ќе биде потребно“, нагласи Филипче.
Амбасадорката Кара, истакнувајќи дека Турција е многу моќна и развиена земја, потсети дека ТИКА во Северна Македонија реализираше речиси илјада проекти од областа на здравството, образованието, земјоделството и многу други области кои допираат до човековото живеење.
Кара, наведувајќи дека се обидуваат да помогнат на сите луѓе без разлика на нивната религија, јазик, раса и етничка припадност, рече: „Турција е моќна земја. Да е здрав и жив и нашиот претседател, кој исто така даде сериозен придонес. Неговата изјава ‘Ние треба да бидеме таму каде што има потреба‘ секогаш нè потсетува на нашите одговорности“.
„Дај Боже да немаме потреба од ова (амбулантното возило), но да не нè остави и без тоа возило, затоа што сме луѓе и во секој момент може да ни се случи нешто. Но, би посакала да нема болести и да немаме потреба од тоа возило“, додаде Кара.
Прилепскиот градоначалник Јовановски, истакна дека помошта што ја побарале од Амбасадата на Турција и ТИКА пристигнала многу побргу од нивните очекувања.
„И оваа донација што ја добивме од Република Турција, сакам да упатам благодарност до Република Турција и до агенцијата ТИКА, којашто нè удостои со едно санитетско возило коешто многу значи како за нашата општина, за граѓаните, за пациентите и болните во нашата општина коишто имаат потреба за транспорт, посебно за транспорт во Универзитетските клиники во Скопје“.
Јовановски, истакнувајќи дека амбулантното возило е само почеток на помошта од Турција, рече дека следната година ќе биде обновена единицата за трансплантација на крв.
Координаторот на ТИКА во Скопје, Ајден, изјавувајќи дека во Северна Македонија особено во полето на здравството реализирале голем број проекти, рече дека ТИКА ќе продолжи да ги поддржува пријателските и братски земји.
„Ние сме тука да донираме ново целосно опремено амбулантно возило на државната болница која има голем број пациенти. Минатата година и во Гостивар на државната болница ѝ дониравме две нови амбулантни возила со исти стандарди“, нагласи Ајден.
Директорот на болницата, Богоески, упатувајќи благодарност до Турција, рече дека донираното возило многу ќе помогне во работата на болницата.
Медицинската опрема на амбулантното возило донирано од страна на Претседателството на ТИКА е произведена во Турција.
Во возилото за брза помош, во опремата која е со високи стандарди, има главно носило, две мобилни носила, носило столица, систем за акумулација со кислород, вакуумски носилки, носилка за стабилизатор на ‘рбетот, опрема за мерење притисок ѕидна и пренослива, вакуумски аспиратор, стетоскоп, вентилатор, дефибрилатор, кеси за реанимација (ранец), комплет за основна медицинска интервенција, комплет за породување, приспособлив комплет за вратот и стабилизатор за вратот.










