Турција: Протоколот за членство на РСМ во НАТО помина во Парламентарната комисија

0
141

Парламентарната комисија за надворешни работи во Големото народно собрание на Турција (ТБММ) даде зелено светло за Предлог-законот за тоа Протоколот за членство на Република Северна Македонија (РСМ) во НАТО да се стави на дневен ред на Парламентот за ратификација, јавува Anadolu Agency (AA).

Комисијата одржа состанок под водство на претседателот на комисијата, Волкан Бозкир, кој е пратеник на АК Партијата во турското Собрание.

На состанокот беа разгледани 10 предлог-закони, од кои 8 беа одобрени, меѓу кои и Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.

Потсетуваме, претседателот ТБММ, Мустафа Шентоп, за време на неговата посета на Северна Македонија истакна дека Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО за максимум еден месец ќе се ратификува на генералната седница на Собранието.

Земјите-членки на НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во оваа алијанса на 6-ти февруари оваа година. За да стане полноправна земја-членка на НАТО, Протоколот за пристапување треба да биде ратификуван во парламентите на сите членки на Алијансата.