Активистите за заштита на животната средина соопштија дека од Тихиот Океан извадиле над 40 тони пластичен отпад и рибарски мрежи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата на еколошката организација „Институт за океански експедиции“, како што пренесува „Си-ен-ен“ (CNN), се истакнува дека во местото познато како „голема отпадна површина на Тихиот Океан“, која се наоѓа во северниот дел на океанот, извадени се над 40 тони пластичен отпад и рибарска мрежа.
Еколозите кои ги завршија 25-дневните обврски за чистење на океанот, истакнаа дека на 18 јуни пристигнале во Хонолулу, град во државата Хаваи, САД. Во нивната изјава се нагласува дека ова била најголемата мисија за чистење на океанот досега.
Во соопштението се истакнува дека екипата користела сателит и беспилотно летало и дека од океанот се извадени тони ѓубре, меѓу кои имало шишиња за детергент, гајби за пијалаци, пластичен мебел, разни кутии, кофи и детски играчки.
Екипата, како што се вели во соопштението, од океанот извадила опрема за ловење риби наречена „мрежа на духови“, од кои едната тежела 5 тони, а другата 8 тони.
Мари Краули, основач на „Институтот за океански експедиции“, осврнувајќи се на важноста на вадењето на мрежите од океанот, рече дека понекогаш дури и најмала мрежа може да се замота низ телата на китовите и делфините и да доведе до нивна смрт.
Краули истакна дека мрежите и другиот отпад се знаци на зголемено загадување на океанот и дека претставуваат закана за морскиот живот, крајбрежните живеалишта, поморскиот транспорт, риболовот, дивиот свет и здравјето на луѓето.
„Дури и малите парчиња се многу важни“, нагласи Краули.
Краули, исто така, нагласи дека собраната пластика од околу 1,5 тон била предадена на Универзитетот „Хаваи“ за постдипломската програма за уметност и на уметниците од островот.
Уметниците планираат пластиката да ја претворат во скулптури и други дела.
Фондацијата за чистење на океаните, со седиште во Холандија, минатата година во соработка со шест универзитети и една компанија за воздушни радари, извршила истражување во Тихиот Океан. При истражувањето е утврдено дека во океанот има 80 илјади тони пластичен отпад.
Резултатите од истражувањето минатата година биле објавени во списанието „Scientific Reports“. Според резултатите од истражувањето, изведено со 30 бродови и 2 извиднички авиона, во област од 1,6 милион километри квадратни откриени се 1,8 трилион парчиња пластика со вкупна тежина од 80 илјади тони.











