Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран си поигрува со оган со надминувањето на границата на збогатен ураниум, која е одредена со меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма од 2015 година, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тие знаат што прават. Знаат со што си поигруваат, а јас мислам дека си играат со оган“, изјави Трамп за новинарите во Овалниот кабинет.
Вчера властите на Иран признаа дека ја надминале границата за поседување 300 килограми збогатен ураниум.
„Немам никаква порака за раководството на Иран“, изјави Трамп.
Соединетите Американски Држави (САД) минатата година еднострано се повлекоа од меѓународниот договор за иранското нуклеарно прашање и воведоа нови санкции кон Техеран.
Иранската страна на европските партнери даде двомесечен рок за зачувување на договорот – во спротивно најави продолжување на процесот на збогатување на ураниумот.










