Ердоган: „Постои голем потенцијал за зајакнување на соработката меѓу Турција и Кина“

0
89

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека верува оти постои голем потенцијал за унапредување на соработката со Кина, јавува Anadolu Agency (AA).

„Верувам дека има голем потенцијал за зајакнување на соработката меѓу Турција и Кина изградена врз древните цивилизации и поврзана со Патот на свилата“, нагласи турскиот претседател пред средбата со претседателот на Народна Република Кина, Си Ѓинпинг.

Ердоган му се заблагодари на кинескиот народ за гостопримството покажано кон него и неговата делегација.

Турскиот претседател истакна дека во последниве неколку години често има средби со претседателот Си.

„Се согласивме да се зајакнат односите помеѓу Турција и Кина во сите области, долгорочно и со стратешки перспективи. Верувам дека има голем потенцијал за зајакнување на соработката меѓу Турција и Кина изградена врз древните цивилизации и поврзана со Патот на свилата. Политиката на „Единствена Кина“ е од стратешко значење за Турција“, рече Ердоган.

Тој додаде дека неговата посета на Кина овој пат се случува во период кога се тестираат глобалниот мир и стабилност, и дека јакнењето на односите меѓу Турција и Кина ќе обезбеди разновиден придонес во регионалната и глобалната стабилност.

На состанокот присуствуваа и министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу; министерот за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез; министерот за трезор и финансии, Берат Албајрак; министерот за национална одбрана, Хулуси Акар; министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк; министерката за трговија, Рухсар Пекџан; министерот за транспорт и инфраструктура, Мехмет Џахит Турхан; директорот на Турската разузнавачка служба (МИТ), Хакан Фидан; претседателот на одбранбената индустрија, Исмаил Демир; шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун; портпаролот на Претседателството, Ибрахим Калин и амбасадорот на Турција во Пекинг, Абдулкадир Емин Онен.

Кинескиот претседател Си укажа на зајакнување на соработката со Турција

Претседателот на Народна Република Кина, Си Ѓинпинг, истакна дека Турција и Кина се земји кои се во развој, чии пазари се зголемуваат, и дека треба да ја зајакнуваат заемната стратешка доверба, соработка и координација.

За време на тет-а-тет и меѓуделегациската средба со претседателот Ердоган, Си потсети дека лидерите на двете земји учествувале на Самитот на лидерите на Г-20 кој се одржа во Јапонија, изразувајќи надеж преку оваа посета да ги зајакнат односите на двете држави.

Си Ѓинпинг рече дека им придаваат голема важност на средбите реализирани во Пекинг.

„Турција и Кина се земји кои се во развој, чии пазари се зголемуваат. Треба да ја зајакнуваме заемната стратешка доверба, стратешката соработка и координација, треба да го заштитиме меѓународниот систем во кој се вклучени Обединетите нации и системот на меѓународното право, и заемно треба да бидеме во одбрана на меѓународната правда и мултилатерализмот“, додаде тој.

„Посакувам со претседателот [Ердоган], во рамки на заедничките интереси, детално да размениме мислења во врска со билатералните, регионалните и меѓународните прашања“, истакна Си.

Тој исто така рече дека се подготвени во наредниот процес со турската страна да ги планираат стратешките односи меѓу Кина и Турција, укажувајќи на важноста на заштитување на билатералните односи и на интересите на земјите кои се во развој.