Претседателот на Реублика Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека развиените држави кои им држат лекции на другите за човековите права, не успеале да го положат главниот испит по човечност, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган на прес-конференцијата која ја одржа во текот на Самитот Г-20 во јапонскиот град Осака, рече дека тероризмот е непријател на сите луѓе и на човечките вредности, и дека секоја држава мора да покаже подготвеност тероризмот да го нарече „тероризам“.
Турскиот претседател зборуваше и за сириските бегалци на кои неговата земја им пружа помош.
„Меѓународната заедница мора да го сподели товарот на бегалската криза за Турција да продолжи со својата помош и услугите“, додаде Ердоган.
Ердоган напомена дека целото човештво скапо ќе ја плати сметката поради заштитување на пучистите кои ја загрозуваат демократијата.
„Целото човештво ќе плати висока цена за заштитата на пучистите кои ја загрозуваат демократијата, под изговор на ’политички азиланти‘“, истакна турскиот претседател.
„Убијците на Кашоги мораат да бидат процесуирани во Истанбул, бидејќи случајот се случи во Истанбул“, рече турскиот претседател Ердоган. Додаде дека меѓународната заедница е должна да ги натера да одговараат сите оние кои се одговорни за убиството на Кашоги.
„Примарна задача на меѓународната заедница е за убиството на Кашоги да ја побара одговорноста на сите, од врвот до дното“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател се осврна и на структурата на Обединетите нации (ОН), истакнувајќи ја потребата од нејзини промени.
„Не е во ред ваква структура, воспоставена во услови на Втората светска војна, да продолжи засекогаш“, истакна турскиот претседател.
Во врска со испораката на одбранбените системи S-400, Ердоган рече дека првата испорака ќе започне во јули, и дека сегашните очекувања се во таа насока.
„Во процес на испорака е, и на Турција не ѝ доликува да раскине договор во процес на испорака. Оваа работа е завршена“, додаде Ердоган.
Околу можните санкции од Соединетите Американски Држави (САД) кон Турција, Ердоган рече: „Со почитуваниот Трамп отворено зборувавме на оваа тема. Од него лично слушнав дека нема да има такво нешто.“
Претходно, во рамките на Самитот Г-20, турскиот претседател Ердоган се состана со претседателот на САД, Доналд Трамп.











