Ортодоксните Евреи во Њујорк протестираа против задолжителната воена служба во израелската армија и затворањето на три жени кои не сакаа да се приклучат на армијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Илјадници ортодоксни Евреи учествуваа на протестот организиран од страна на американскиот и канадскиот Централен рабински конгрес пред зградата на Постојаната мисија на Израел во Обединетите нации и Генералниот конзулат на Њујорк.
Евреите реагираа на политиката на Израел за задолжително регрутирање во израелската армија, а исто така, протестираа и поради притворањето на три млади ортодоксни Еврејки кои не сакаа да се приклучат на армијата.
Демонстрантите преку транспарентите порачаа „Престанете да ги земате Евреите во ционистичката војска“, „Стопирајте ја задолжителната воена служба“.
Во говорите за време на протестот беше истакнато дека „ционизмот“ и „јудаизмот“ се два различни концепта и дека „припадниците на еврејската заедница кои се верници, отсекогаш биле силно против приклучување кон израелската армија“.
Полицијата во Њујорк презеде опсежни безбедносни мерки околу подрачјето на протестите.
Во Израел мажите се обврзани да извршуваат воена служба од 2 години и 8 месеци, а жените 2 години.










