Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Русија има рок до 2 август доколку сака да го спаси Договорот за елиминација на нуклеарните проектили со краток и среден дострел (INF), јавува Anadolu Agency (AA).
„И понатаму ја повикуваме Русија дека има време до 2 август да го спаси Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF). Ќе продолжиме да упатуваме апели до Русија да го исполни договореното“.
Пред почетокот на состанокот на министрите за одбрана на НАТО, кој ќе трае два дена во Брисел, со својата изјава Столтенберг го привлече вниманието врз неколку безбедносни теми за кои ќе дискутираат министрите на средбата.
Столтенберг истакна дека првенствено министрите ќе дискутираат за прекршувањето на Договорот од страна на Русија и ќе разговараат за превентивните мерки што НАТО ќе ги преземе наспроти тоа. „Русија има време до 2 август да го спаси договорот. Продолжуваме да апелираме до Русија да го спроведе својот дел од договорот, но доколку не дојде до тоа, ќе биде потребно НАТО да го даде својот одговор“, изјави Столтенберг.
Истакнувајќи дека прекршувањето на Русија во врска со Договорот ИНФ претставува сериозна тема, Столтенберг рече дека времето се стеснува и дека на состанокот ќе бидат разгледани превентивните мерки што НАТО ќе ги преземе, а кои ќе почнат да се спроведуваат по 2 август.
Се очекува на состанокот, меѓу темите за кои ќе се разговара, да стане збор за Договорот ИНФ, Авганистан, вселенската политика на Алијансата и за развојот на напредните технологии.











