Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Абас Мусеви, рече дека чекорите што се преземаат за формирање глобална коалиција против земјата не се нови и дека Соединетите Американски Држави (САД) нема да успеат во тоа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мусеви на неделната прес-конференција одржана во Министерството ги оцени актуелните случувања во светот.
Во однос на изјавата на американскиот државен секретар, Мајк Помпео, дека неговата посета на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати е во рамките на преземање чекори за „формирање глобална коалиција против Иран“, Мусеви истакна: „Преземените први чекори за формирање на глобалната коалиција не се нови. Сојузите што ги формираа беа неуспешни“.
Потсетувајќи дека Иран е сосед со 15 земји и дека е тешко против нив да се формира коалиција, Мусеви истакна: „Дури и секој ден да доаѓаат во регионот нема да успеат. Контрадикторните изјави го покажуваат немањето политика и лошата организираност на тимот што управува со САД“.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи се осврна и на новите санкции на САД против Иран.
„Дали постојат какви било санкции што САД не ги применуваат против Иран? Каква корист имаа од тие санкции? Тие се обидуваат да влијаат врз домашното и странското јавно мислење. Овие санкции ги коментираме во рамките на непријателскиот и економски тероризам“.
Мусеви истакна дека јапонскиот премиер, Шинзо Абе, не донел писмена порака, туку пренел само усна порака за да се намали напнатоста во регионот.
Истакнувајќи дека не се за ескалација на тензиите во регионот, Мусеви рече дека ќе ја поздрават деескалацијата на тензиите и дека се подготвени за дијалог со земјите од регионот.
„Продолжувањето на нуклеарниот договор зависи од исполнувањето на обврските од сите страни“, рече Мусеви и додаде дека по повлекувањето на САД од договорот останатите земји кои останале во договорот нагласиле дека нема да дозволат таа меѓународна придобивка да пропадне.
Абас Мусеви, посочи дека ако земјите од Европската Унија не преземат конкретни чекори и ако барањата на Иран не се исполнат, ќе продолжат да ги суспендираат обврските од нуклеарниот договор, а вториот нивен чекор што ќе го направат ќе биде помоќен.
– Регионална турнеја на Помпео –
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, за денешните средби во Саудиска Арабија и во Обединетите Арапски Емирати истакна дека се првите чекори за воспоставување „глобална коалиција против Иран“.
Во изјавата пред неговото заминување во Саудиска Арабија, Помпео нагласи: „Со нив (Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати) ќе разговараме за тоа каква е нашата стратешка позиционираност и за формирањето глобална коалиција (против Иран) не само во земјите од Заливот, туку и во Азија и Европа“.
По Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, Помпео ќе ја посети и Индија. Подоцна ќе има разговори во Јапонија и Јужна Кореја.









