Апелациониот суд на Велика Британија денеска соопшти дека продажбата на оружје на Велика Британија за Саудиска Арабија е прогласена за незаконска поради придонесот во високиот број цивилни жртви во бомбардирањата во Јемен, од страна на коалицијата предводена од Саудиска Арабија, јавува Anadolu Agency (AA).
Пресудата е донесена од тројца високи судии откако го прифатија правниот предизвик на групата „Кампања против трговијата со оружје“, која ја обвини Владата за овластување на продажбата на оружје при јасни услови дека таа го крши меѓународното право.
Според „Кампања против трговијата со оружје“, Владата дозволила извоз на оружје за Саудиска Арабија во вредност од 4,7 милијарди фунти од почетокот на интервенцијата на коалицијата во Јемен, во 2015 година, со рекордна продажба во периодот пред 2018 година.
Британската Влада „нема спроведено заклучна проценка дали коалицијата предводена од Саудиска Арабија го има прекршено меѓународното хуманитарно право во минатото, во текот на конфликтот во Јемен, и нема направено напори во тој правец“, се истакнува од Судот.
Извозот на британското оружје го парафираат министрите за надворешни работи, за одбрана и надворешна трговија, а кандидатот за лидер на Конзервативната партија, Борис Џонсон, поранешниот секретар за надворешни работи и Џереми Хант, актуелниот секретар, застанаа во одбрана на продажбата на оружје за Саудиска Арабија.
Околу 8,4 милиони луѓе се соочени со глад, а над 22 милиони луѓе (75 отсто од популацијата на Јемен) имаат потреба од хуманитарна помош.
Осиромашениот Јемен е зафатен од судири од 2014 година, кога бунтовниците Хуси го зазедоа поголемиот дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Судирите ескалираа во 2015 година кога Саудиска Арабија и нејзините сојузници започнаа опсежна воена кампања за враќање на придобивките на Хусите во Јемен и поддршка на јеменската Влада.
Војната предизвика рушење на економијата и појава на колера на која беа изложени над 1,1 милион лица.
Ријад континуирано ги обвинуваше Хусите дека претставуваат проксисила за шиитскиот Иран.
Упатени се повици до владите во светот за запирање на продажбата на оружје за Саудиска Арабија, на кои прва се огласи Германија, со суспендирање на продажбата.











