Русија ги обвини САД за зголемување на тензиите на Блискиот Исток

0
101

Русија денеска ја критикуваше одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за испраќање на дополнителни ракетни системи „Патриот“ и беспилотни летала на Блискиот Исток, јавува Anadolu Agency (AA).

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, за новинарите во Сочи изјави дека овој потег претставува ескалирање на ситуацијата во регионот.

„Ова претставува свесно зголемување на тензиите“, изјави Рјабков.

„Не се сомневаме дека политичкото и военото раководство на Соединетите Американски Држави не запира во ниту едно дејство, со цел максимално да ја искомпликува ситуацијата, и што е најважно, да го зголеми притисокот врз Иран“, рече тој.

Рјабков повика на зајакнување на безбедносните мерки во регионот на Персискиот Залив.

„Регионот може да биде вовлечен во нов конфликт и тоа би било апсолутно неприфатливо, со оглед на сериозноста на последиците од таквот развој на настаните“, предупреди тој.

„Ние се заинтересиравме за неодамнешниот предлог на иранскиот министер за надворешни работи, г. [Џавад] Зариф, за склучување пакт за ненапаѓање меѓу земјите од Заливот“, рече Рјабков.

„Ова е продуктивна идеја“, изјави тој.

Тензиите меѓу САД и Иран се во пораст од минатата година, кога САД еднострано се повлекоа од Договорот за нуклеарната програма склучен во 2015 година меѓу Техеран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, плус Германија.